Уништени над 600 килограми небезбедна храна, АХВ со засилени контроли за празниците
Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), покрај редовните, спроведува и засилени, вонредни контроли кај сите оператори со храна.
Од Агенцијата велат дека акцент е ставен на операторите кои организираат предновогодишни и новогодишни прослави и во месарниците, месарници со работилница, рибарници и други специјализирани продавници за храна од животинско потекло, каде периодов има зголемена побарувачка и потрошувачка на храна.
На територијатата на целата држава биле спроведени вкупно 423 надзори во гостилници и ресторани, и 228 вонредни контроли кај оператори со храна од животинско потекло. Генералните неусогласености се однесувале на неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените лица, во однос на хигиенските и микробиолошките барања за безбедност на храна и вода, нерегистрирани правни лица како оператори со храна во АХВ.
„Кај неколку оператори најдена е небезбедна храна и храна со поминат рок, утврдено е несоодветно складирање и селектирање на храна, нередовно ажурирање на записите за добра хигиенска, добра производствена пракса и HACCP, неспроведена дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, како и неземени мостри од храна за лабораториско тестирање, производи без декларации и со нецелосни и нејасни декларации и други помали недоследности, за што се издадени соодветни решенија“, соопшти АХВ.
Со спроведените контроли и утврдените недоследности изречени се 60 парични казни во вредност од над 33.000 евра во денарска противвредност за операторите и одговорните лица во нив. Изречени се и соодветни опомени и издадни решенија со наредби за отстранување на утврдените недоследности. Како небезбедни, уништени се над 624 килограми небезнедна храна, од кои 567 килограми производи од месо.
„Како одговорна институција, апелираме до граѓаните во пресрет на новогодишните празници, храна да купуваат од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано системите за безбедност на храната, да внимаваат на означувањето на производите како и на тоа каде тие се чуваат. Во домаќинствата важно е да се внимава на хигиената, подготовката на храната и нејзино чување на соодветна температура“, нагласуваат од АХВ.