Владата ќе обезбеди 700.000 евра за довршување на реконструкција на „Соколана“
Владата ќе обезбеди 700.000 евра за да се доврши реконструкција на спортската сала „Соколана“, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Куманoво.

Средства ќе се обезбедат преку Министерството за спорт по завршување на локалните избори.
„Реконструкцијата ќе чини околу 700.000 евра за нејзиното враќање во првобитната положба. Проектот е изработен, останува уште ние како Влада да ги обезбедиме средствата во што сум сигурен, и ќе започне реконструкцијата. Со прераспределбата која што ќе следи во декември ќе бидат обезбедени потребните средства“, кажа Мицкоски.
Предходно градоначалникот Максим Димитриевски кажа дека досега во реконсртукцијата на целиот комплекс се вложени околу 500.000 евра, и дека побарале помош од Владата за довршување на самиот спортскиот објект.
„Реконструкцијата ќе биде во соработка со Конзерваторскиот центар за да се задржи автентичноста на салата. Проектната документација ја изготви ЈП „Куманово-план“. Досега општината во самиот објект инвестираше околу 300.000 евра. Решен е проблемот со статиката и со кровот, останува да се доврши и останатото. Јас верувам дека до крајот на следната година салата ќе биде целосно завршена и ќе го добие некогашниот сјај“, кажа Димитриевски.
Соколана беше вратена на Општина Куманово во 2022 година, откако предходно со неа стопанисуваше приватнa фирма.
Спортската сала Соколана, е една од најубавите и најрепрезентативни објекти во Куманово, пуштена во употреба на 7 септември 1931 година, во присуство на околу 6.000 луѓе. Оваа година објектот слави 94 години од своето отворање.
Изградбата на салата започнала во 1922 година, поради тоа што во градот постоело силно соколско движење, кое имало задача да ја развива гимнастиката во градот. Гимнастичарите тогаш ги нарекувале соколи.