×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ајде да говориме за образованието

    Елизабета Секирарска

    Има ли спас и излез од овој драматичен образовен лавиринт, во кој најголемите жртви се токму младите? Има ли здрава, професионална, јасно дефинирана и комплетно осмислена алатка за да овој заболен воспитно-образовен организам кој пука по сите шевови да застане на нозе?

    Деновиве бевме сведоци на избликот на студентскиот револт, канализиран како глас на една огромна маса броена во илјадници, цивилизирано и достоинствено подготвена да го искаже својот став. На улица, како последна дестинација, бидејќи таму каде треба да бидат слушнати, нема никој за да застане пред нив и да ги чуе. Река млади. Гласни. Сплотени. Во битката за своето право да го кажат својот став и да бидат чуени. Рамо до рамо со своите професори, оние од кои учат и други лекции. Во битка и за правата на живот на сите оние кои го минуваат гладни, невработени, обесправени, исплашени – во молк. Оние кои низ солзи аплаудираа од своите тераси или приоѓаа да ги прегрнат младите, во налет на срам што не се со нив.

    Нема денес да пишувам за овој фантастичен настан, од кој и јас бев дел. Чест ми беше да чекорам со децата и да се напијам од нивната здрава идеја, да ги слушам и гледам како, броени во безмалку 10 000 зад себе не оставаат пустош. Оставаат надеж, она кое заборавивме како изгледа и кое на сите ни е така потребно. Ќе тргнам од него за да речам дека студентскиот марш, вака гласен, масовен и цврст е силен сигнал дека нештата во суптилната воспитно-образовна сфера го достигнале нивото кое предизвикува вриење и потреба да се застане во одбрана барем на она што останало од овој комплексен систем во налетот на низата повеќегодишни реформи. Многупати сум пишувала за состојбите во кои упорноста за воведување на новини резултираше со хаос, недоречености, импровизации и еклатантно опаѓање на квалитетот на образованието, и покрај силните усилби да се прикаже дека квалитетот расне со самото тоа што нештото го воведуваме први. Не е така, затоа што сите ние кои секојдневно сме во училницата, знаеме како нависитна е и тоа со ниту една флоскула, со ниту една реклама, со ниту едно застрашување и со ниту една споредба со другите образовни системи, во однос на кои сме лидер, не може да се поправи.

    Ајде да го говориме за образованието. За онаа така волшебна сфера која продуцира умови и од која зависи квалитетот на живеење на сите други сфери. Сведоци сме на брзите и недоволно одмерени чекори кои се воведуваат по принципот “сега, веднаш и овде” и на кои се инсистира со толкава упорност и без оглед на се – просто човек да помисли дека интенцијата е уништување, а не развој. Ќе се обидам да тргнам по ред и по суштинската тежина на дел од реформските зафати:

    Кембриџ програмата во основното образование, да речеме. Искуствата покажаа дека се воведуваат непроверени и неприлагодени програми, со предзнак “превземени од прекрасните искуства на други земји”, пуштени во нашите училници како со падобран исфрлен од авион и приземјен само затоа што има почва каде може да се спушти. Од она што го слушам од моите колеги учители, а и од пријателите кои имаат деца во основно училиште, не сум сигурна дека во името на квалитетот на образованието, дете од 6,7 години треба да учи природни науки кои не може да ги разбере од една едноставна причина – премало е. Не сум сигурна дека оптовареноста на детето од мали нозе со 4,5 часа секој ден може да има за резултат љубов кон училиштето. Особено не кога ќе си дојде дома и кога ќе треба да седи со родителот уште 3 часа, каде со плачење од двете страни ќе треба да сфати колку е убаво да учи. Нема алиби за вакви воспитно-образовни утки, особено не во услови кога нема дебата, јавен став и мислење од фелата која замолкнато прифаќа да ги спроведува, бидејќи од тоа и зависи работата. За фактот дека од тоа им зависи иднината на оние пред кои  стоиме, веќе нема место.

    Обемните наставни програми и во средното образование, кои никако да дојдат на ред за ревидирање, на пример. Многу часови, лошо конципирани учебници, полни и со грешки кои поттикнуваат на прашање по основ на тоа како воошто поминале низ рецензијата. Ама ете, поминале. И нема повеќе муабет за тоа – освен во канцелариите, на сигурно, каде како сериозни професионалци кубеме коси како да го премостиме тоа што пишува и да му овозможиме на детето да разбере што писателот сакал да каже. Во меѓувреме, апатични и незаинтересирани млади умови бараат начини како после 4 години да излезат од клупите, што помалку седејќи во нив.

    Ама сепак, двете образовни скалила можат да се поврзат со судбосната алатка која ќе ги реши сите проблеми, а и забавно ќе биде: Проект за дружба на родителите со наставниците, во работни денови или за викенд. Во тој контекст, би прашала вака: кога тие родители да најдат време за "факултативна интеракција и дружење со наставниците во текот на работните денови," кога во работни денови одат на работа? Освен ако проектот не се однесува на невработените родители или оние кои после полно работно време (а во денешни услови, сите знаеме колкаво е тоа) би имале несогорлива желба да се дружат со децата и наставниците на фудбал, да речеме, откако ќе се вратат отепани. Или се мисли на оние родители кои не го ни гледаат своето дете дома и не доаѓаат на родителските средби, а ниту по покана од класниот раководител и од педагошко-психолошката служба за да разберат дека детето им има однесување кое не смее да остане несанкционирано? Или се мисли на оние кои немаат елементарни услови за егзистенција и на кои сигурно не им е до "на ваков начин давање придонес кон социо - културолошкиот развој" на детето на кое треба да му објаснат зошто не може да оди на екскурзија со останатите деца, на пример. Со оние другите, кои од родителот имаат само пари.

    Откако ќе учат по Кембриџ и ќе го отседат 4-годишниот тајминг во средношколските клупи, ете ги сега тие млади во факултетските амфитеатри и училници. Не е важно тоа што од основното излегле со сериозни потешкотии во поглед на елементарната писменост. Не е важно ни тоа како завршиле средно. Можат да се запишат било каде, со било каков успех и така и да завршат. Се во името на достапноста на високото образование за сите, нели. И ете. Сега кога после таква хиперпродукција стана јасно дека системот се јаде самиот себеси, на повидок е нова реформа. Да бидам искрена, ја сфаќам како конечен удар врз организмот кој едвај мрда и глуми движење - екстерниот тест. Не, всушност, државен испит е. Нема да се оди понатаму ако не се положи и студиите тука завршуваат. Не, ќе може да се продолжи со студирањето. Важи за сите и ретроактивно. Не, само за новите студенти. Бидејќи овие досега се ептен квалитетни, не за друго. Сега квалитетот на новиве дечки треба да се обезбеди. Бесплатно е. Не, само до трипати. После се плаќа. Ќе оди предлогот на јавна дебата, што сакаат па овие млади? И ете, за викенд, на невидено и по брза постапка, усвоен пакет на 5 нови мерки од кои нема отстапување и кои ги покриваат сите образовни скалила. Оти го подигаат квалитетот. Оти нема потреба да се консултираат оние кои во тој така креиран амбиент треба да делуваат. Ионака си молчат, што.

    Па добро, луѓе, како учител кој 20 години е меѓу децата, јас морам да прашам: има ли спас и излез од овој драматичен образовен лавиринт, во кој најголемите жртви се токму младите? Има ли здрава, професионална, јасно дефинирана и комплетно осмислена алатка за да овој заболен воспитно-образовен организам кој пука по сите шевови да застане на нозе? Има ли начин да се потсетиме што образованието подразбира и кому му должиме да го направиме ефикасно, силно и неподложно на експериментирање?

    Не знам. Треба да се биде оптимист. Треба многу работа. Многу поддршка на оние кои се во право. Многу осуда на оние кои не се – и не затоа што е важно кои се, па да се дефокусира намерата и да се обои по потреба, нели, туку затоа што е важно дека не се во право. 

    Затоа што, сепак, постои она нешто што не треба да се губи од вид: миксот од осиромашувањето, оглушувањето, импутирањето, етикетирањето, затапувањето, демонстрацијата на сила во фазонот "јас како кажам," потценувањето на умот, ароганцијата, самоувереноста до левел "семоќен сум" и тоталното изместување на нештата од здравата поента, по некое време сепак им стане силна алатка на оние кои предолго молчеле, знаете. Од оние убавите. Мозочните чекани.

    Впрочем, како што секогаш ме учеше татко: треба да се внимава на оние кои предолго молчат. Постои оправдано сомневање дека сепак мислат.

    Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*