Мени

Кога безбедноста станува политичка тема, а етничката поделба - политички капитал?

19.09.2026 08:44 | м-р Муарем Шакировски - Ганди
м-р Муарем Шакировски - Ганди

Во Македонија често можете да слушнете како се зборува за меѓуетничките односи и политичката стабилност, тоа се термини кои кај нас владеат во медиумскиот дискурс, во политичкиот но и секојдневниот веќе 25 години. Зад нив стои едно колективно сеќавање од 2001 година и стравот дека една лоша политичка пресметка може да резултира со нешто поголемо од една политичка криза. Токму затоа, денес внимателно треба да чекориме кон евроинтергацијата, бидејќи не секоја политичка кавга е меѓуетничка криза, и не секој инцидент помеѓу припадници на различни етнички заедници е закана за државната безбедност, и можеби најважно не треба сето ова веднаш да се претвори во политичка кампања.

Денешната Македонија е далеку од 2001 година, Охридскиот рамковен договор пред 25 години ги воспостави механизмите за правата на заедниците, значењето на договорот има темелна вредност врз кој се одржува политички баланс во државата. Но, овој договор не може никогаш да биде замена за политичка зрелост...

Последниве години етничката припадност премногу често се користи како политичка координата. Македонците се мобилизираат околу едни теми, Албанците околу други, Србите околу трети, Ромите околу четврти и така до бескрај. Но главната бездна е кога секој политички спор помеѓу различните етнички чисти партии, се претвара во етнички спор! Тогаш институциите се повлекуваат, а партиите (не сите, за волја на вистината) ја превземаат улогата на толкувачи на колктивната волја. Токму тоа е опасно, бидејќи безбедносната слика денес е многу посложена од онаа што ја паметиме од почетокот на милениумот.

Во март годинава Агенцијата за национална безбедност соопшти дека во координација со МВР и ЈО, биле превземени активности против недржавни странски актери за кои Агенцијата тврдеше дека преку пропагандни материјали и социјални мрежи се обидувале да поттикнат етничка нетрпеливост, раздор и омраза меѓу граѓаните. Не е тајна дека разузнавачките служби имаат тактика не делување каде мапираат постоечки општествени пукнатини (етнички, верски итн.) во друга држава, и потоа ги користат за поттикнување на нетрпеливост, омраза, па дури и војна, за остварување на своите геополитички цели. Според истражувачки центри (како DFRLab и EEAS) Балканот е меѓу најпогодените региони во Европа од ваков тип операции. Поради нерешените историски конфликти, комплексниот етнички состав и слабата медиумска писменост, странските разузнавачки служби го користат регионот како полигон за дестабилизација.

Додека надворешните актери внимателно ги мапираат и користиат нашите внатрешни пукнатини, домашните актери понекогаш од политичка наивност и незрелост, а многу почесто од чист популизам индиректно им помагаат во тоа. Не треба да заборавиме дека токму спречувањето на говорот на омраза, насилство и етничка нетрпеливост се дел од работата на институциите во државата. ЕУ оваа година нагласи дека е важно да се има меѓуетнички дијалог и кохезија, додека мисијата на ОБСЕ работи на механизни за превенција и дијалог, во моментот се надведуваат 19 активни локални совети за превенција.

Прашањето не е дали се плашиме од 2001 година, туку дали сме научиле нешто од неа? Охридскиот договор можеби бил механизам за моментална стабилност, но не може да биде трајна матрица. По 25 години е време да престанеме да зборуваме само за тоа колку Македонци и Албанци има во интицуциите, туку повеќе да зборуваме колку професионалци во институциите имаме. Европската комисија во својот извештај за Македонија укажува на потреба од напредок во владеење на правото, борба против корупција и функционирање на институциите. Тоа е најважната безбедносна тема која често ја забораваме.

Слаби институции се безбедносен ризик, корупцијата е ризик, организираниот криминал е ризик, етничка поларизација е ризик... Сето ова е ризик, а не смее да биде фудбласки натпревар помеѓу македонси и албнски екипи... Заканата не мора секогаш да доаѓа однадвор, најчесто проблемот е начинот на кој една општествена поделба се претвора во политички капитал.

За крај, сето погоре напишано можам да го кажам во една реченица и се да ви биде јасно: Оние со 300-400 евра плата зборат за национализам и етничка нетрпеливост, оние со 1.000 евра зборат за калории и тренинзи, оние со 2.000 евра зборат за годишни одмори.

м-р Муарем Шакировски Ганди

 

м-р Муарем Шакировски - Ганди, м-р по криминалистика

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*