×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • „Неизорани ледини“

    Круне Младеновски

    Проблемот не е сегашен, напротив, тој се провлекува одамна. Не е ниту само регионален, туку се однесува на целата држава. Причините треба да се бараат во општествените услови и улогата на државата, па и локалните самоуправи. Нашето село и земјоделието како стопанска гранка се одамна заборавени од државата. Во времето на индустријализацијата, работоспособното население го напушти селото, населувајќи се по градовите каде се вработуваше во индустриските капацитети. Со тоа, земјоделството и сточарството беа препуштени сами на себе. Старите лица не се во состојба за обработка на земјата и одгледување на добитокот. Затоа стадата овци, крави и кози се десеткувани. Најмногу загрижува  фактот што големите површини, некогашни ораници, сега веќе тоа не се ни оддалеку. Тажна е глетката во близина на нашиот град Куманово, а посебно кога се движиме кон Свети Николе, Кратово или Крива Паланка. Површините кои некогаш беа во состав на ЗИК или земјоделските задруги, сега се напуштени утрини обраснати со коров и грмушки, претворени во непродуктивни природни ресурси. Стотици хектари на земјишна површина кои беа под пченка, пченица, сончоглед и шеќерна репа, овоштарници и градинарски култури; сега се претворени во - пасишта. Но за жал, нема ниту добиток да се напасува. Така остануваат сосема неискористени и непродуктивни. Од друга страна, има голем број невработени млади луѓе без никаков ангажман и перспектива. Многу од нив бараат начин и можности за напуштање на родните места и заминување по егзистениција во „белиот свет“. Се наметнува прашањето: Зошто природните погодности не се искористуваат за егзистенцијалните потреби на населението? Од разговорите со ретките сточари и земјоделци, чиј број секојдневно се намалува, дознавам дека и на село денеска животот е се поскап. Никој од нив не е задоволен од сопствената работа и заработка, и воопшто од условите за живеење. Според нив, помошта од државата преку државните субвенции (која не ја добиваат сите, ниту пак истата е редовна и доволна) ни оддалеку не ги дава очекуваните ефекти. Земјоделците од регионот на т.н. „Которлак“ посочуваат дека во секое од селата имаше по 20-30 стада овци, а секое домаќинство одгледуваше по неколку крави и друг крупен добиток. Таквата слика останала само во сеќавање на малубројните жители на селата. Земјоделците и понатаму се оставени сами на себе во борбата за гола егзистениција. Празнењето на селските населби и напуштањето на земјоделските површини продолжува. Се зголемува бројот на напуштени куќи, штали, бачила...но и училишта, селски амбуланти, задружни домови и сл. Оние кои останаа се стари лица, немоќни да обработуваат земјиште, ниту да произведат било што бидејќи производството е се поскапо. Не се во состојба да обезбедат механизација, да платат адекватни услуги (орање, заштита, наводнување), ниту пак имаат обезбеден пласман на своите производи. Од тука и онака малото производство на полјоделски и сточарски производи, во комбинација со ниската цена од прекупците, честопати доведува до состојба на пропаѓање на земјоделските култури на нивите или во селските амбари. Затоа се почесто земјоделците се одлучуваат да произведат храна само за сопствените производи, бидејќи „продажбата не им носи никаква заработувачка“.

    Некогаш селата беа полни со младо население а полињата со разни земјоделски култури и добиток. Потоа следеше период кога селата „оживуваа“ само за време на празниците и селските прослави, додека денеска селата се во „клиничка смрт“. Исчезна детскиот џагор, песната, орото, смеата, животот... Со години нема ни песна, ни свадба, ни крштевка. Ако некој се присети на овие „неизорани ледини“ кои сеуште можат да се преобразат во богати житници и друг вид ораници, битката за производство на повеќе и поквалитетна храна - не е изгубена. На тој начин, може да се решат и другите прашања од типот вработување, домување и обезбедување на егзистениција на младите луѓе од овие краишта. Мултиплицирачки ефект ќе биде и поздрава храна за целокупното население во регионот и државата. Но тоа е комплексно прашање кое бара соодветен интерес и третман од страна на одговорните структури. На крајот на краиштата, никогаш не е доцна кога се работи за стратешки прашања од витален интерес на пошироката заедница.

    Круне Младеновски

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*