×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Нема компромис со иднината, ниту разумни грешки

    Атина Мургашанска

    Додека ги пребројуваат вистинските и лажните потписи на поддршката за повторната кандидатура на актуелниот претседател на државата, една друга околност во неговото промовирање од страна на владините мегафони ми го привлече вниманието. Еден од клучните аргументи во прилог на одлуката за повторно кандидирање на Ѓорѓе Иванов е , замислете, тоа што ,,успеал,, да посети поприличен број на наши градови и села во изминативе пет години. Меѓу набројаните дестинации , никако не успеав да го слушнам името на мојот град Куманово. Се разбира, не можев ни да се сетам на било каква посета на шефот на државата, на градот во најголемата општина во Македонија, оддалечена на само половина час од неговата резиденција.

    Бев во недоумица дали да бидам длабоко разочарана што ете, ни едно намигнување по пат не добивме од претседателот или среќна во несреќата?! Ѓаволот ја однел шегата и се разбира дека е повеќе од индикативно дека овој претседател беше наводно на сите граѓани, но на некои - малку повеќе! Ни посета, а камоли некаква помош, поддршка или проект по негова иницијатива.

    Не се работи за илузија дека првиот човек на државата и покрај формалното и декларативно дистанцирање од партијата која го предлага, ќе успее во целост да се издигне над личните симпатии и убедувања, но и законската поставеност и ингеренциите на оваа институција му налагаат да се обиде, барем да воспостави баланс.

    Им се исчудивме на умот на дел од потпишаните интелектуалци, професори, лекари, свештеници и спортисти. Некои благовремено реагираа на лажната вест за нивниот потпис, некои во меѓувреме ги попишманија, па одеднаш се сетија дека ги зафатила амнезија, па заборавиле дека всушност потпишале!

    На списокот на тие што треба да се запрашаат што прават, би ги додала моите сограѓани кои ќе застанат зад оваа кандидатура на човекот на кој за пет години не му го виделе ни ликот, ниту ги удостоил да се заинтересира како живеат.

    И додека ги одбројуваме деновите до официјалните кандидатури и евентуалните предвремени парламентарни избори, сведоци сме на вообичаените шпекулации,анкети и мерења на рејтинзите од професионални, полу-професионални, па и лажни агенции за испитување на јавното мислење.

    Провидно е тендециозното пуштање во оптек на некои имиња, со јасна намера за внесување на забуна и дискредитирање на сериозната понуда на левите сили, предводени од Социјалдемократскиот сојуз. А ,,веќе виден,, е само притисокот во сите облици и изданија и стеснетиот и партизиран медиумски простор, во кој не се бираат начини и средства за исконструирани напади и деградација.

    Што ни останува друго освен на безумието да одговориме со ум, а на лудилото со разум?! Во постапките, одлуките и определбите за иднината.

    Разумен компромис е разумен, велеше претседателот, ама нема ништо разумно во свесното повторување на истата грешка, ниту простор за компромиси со нашата иднина.

    Атина Мургашанска Координатор на Форумот на жени на ОО на СДСМ на Куманово, Атина Мургашанска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*