×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    ШТО Е ТОА ВО ЛУЃЕТО ТАЖНО....

    Атина Мургашанска

    Изборите завршија, гласовите се преброија и животот полека се враќа во некаква си нормала. Е сега, друго е прашањето што е тоа нормала, бидејќи одамна е дискутабилна оваа категорија и пред воведувањето на сцена на постковидното “ново нормално“. Многу критериуми, стандарди и вредности доживеаја длабока ерозија и вртоглав пад до ниво на непрепознатливост. Па, така она што некогаш беше нормално, прифатливо и вреднувано, сега е погазено, изместено и поттиснато.

    Анализата на изборните резултати ќе им ја оставиме на дежурните аналитичари и експерти, кои емпириски, компаративно, а многу пати целисходно, ќе излезат со своја перцепција што всушност (ни) се случи на политичката сцена. За анализата и мониторингот на новите локални власти нема да чекаме, туку перманентно ќе бидат под
    будното око на јавноста и електоратот.

    Во овој момент да се осврнеме на горкото чувство дека она што беше пласирано на јавна сцена и зад сцена во текот на изборната кампања, особено во виртуелниот свет, сериозно го навреди добриот вкус, елементарната пристојност, па ако сакате и непишаните правила на колку толку фер-плеј и натпревар. Зајакнатата улога и влијание на социјалните мрежи и интернет порталите, нужно подразбира и интернет кампања како сериозно поле за пласирање на програмите, проектите и презентација на кандидатите.

    Брзината, достапноста и сеприсутноста на ваков вид онлајн кампања се наметна како услов без кој не се може и кој полека ги поттиснува конвенционалните начини на промоција. Но ова ново поле дефинитивно не е она од познатата максима на нашиот револуционер Гоце Делчев, кој рекол дека светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите или во овој случај, учесниците во изборите. Секоја чест на исклучоците, но загрижува енормниот пораст на поборниците на Макијавелистичкото начело дека целта ги оправдува средствата.

    Па, така, како никогаш досега се изнагледавме, изнаслушавме, а особено изначитавме серија на навреди, дискредитации, невкусни алузии и жестоки пресметки со конкурентите и неистомислениците. Водечки во суровоста, вулгарноста и неетичноста беа лажните профили од социјалните мрежи и т.н. ботови. Комоцијата на анонимноста која им ја нудат лажните профили, им овозможи да го развијат говорот на омразата до неподносливост, а креацијата на лажни вести, злоупотребата на приватните детали и оцрнувањето на противниците до загрижувачки размери, зрели за социолошка анализа, но и за одговор на надлежните. Слободата на говорот и уверувањата е една од демократските придобивки која треба постојано да се негува и унапредува, но во паралелен од со градење на сериозна политичка култура. Политичка култура која подразбира парламентаризам во дебатите, простор за искажување на поинаквите мислења и ставови, но и елементарно воспитание и политичи бон-тон.

    И пак, традиционално и во нетрадиционалните сфери на изборен натпревар први на удар беа жените, учеснички во овие локални избори. Покрај арсеналот на заедничките навреди и вулгарности, на нивна адреса беа упатувани сексистички досетки и мизогени дискредитации. Нивната, пак, мала застапеност и покрај напредокот во нормативниот третман на жените во политиката е посебна тема, која заслужува посебна анализа и осврт.

    Секој изборен циклус, секоја изборна кампања е своевиден перформанс на политичка понуда која треба да ги привлече конзументите и со својата атрактивност, оригиналност и допадливост. Сепак, тенка е линијата меѓу вкусот и невкусот, дозволеното и недозволеното, демократичното и неетичното. Науката, институциите и самите учесници
    во политичкиот живот, високо на својата агенда мора да ја постават политичката кулура, почитувањето на правниот поредок и непишаните вредносни системи.

    На крајот на денот, па бил тој и изборен, пак сме само сограѓани, кои треба да се погледнат во очи и со чист образ да се поздрават и работат за својот град и својата општина.

    Некои, за жал, нема да можат да се погледнат ни во сопственото огледало.

    Атина Мургашанска, политичар

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*