Мени

Поздрав од Куманово

28.11.2026 08:02 | Елизабета Секирарска
Елизабета Секирарска

Сопругот и јас сме пензионери од поновата гарнитура, што ќе рече, нешто повеќе од една година. Заедно со татко ми, кој е во пензија веќе 30 години, живееме стандарден заеднички формат на живот кој им припаѓа на луѓе кои многу работеле и сработиле - сега нештата веќе се спори, разбрани, протолкувани и генерално прифатени како неизбежност. Ваквиот статус подразбира дека дел од нашето време, кое првпат во животот изгледа сосема поинаку од она зад нас, го поминуваме во движење. Во спор од низ улиците на градот во кој сме растеле и зрееле и приватно, и професионално и град кој покрај се, е дел од нас, а ние дел од него. 

Сакам денес да пишувам за она што го гледаме дур сакале или не, споредуваме “некогаш и сега” и она што мошне болно во својата очигледност, испливува на површина. Она што на градот му дава лик, заради кој не го препознаваме. 

Сакам денес да пишувам за празнотијата низ која градов дише - за празните улици, онечекорените тротоари. За оние кои се тука,  луѓето кои си го одат животот со лице кое нема израз. За фактот дека градов старее и се празни. За фактот дека и младоста која се уште е тука, сепак го нема она убаво чувство заради кое знае што е пристојност, култура, отворен ум. Го нема чувството дека она што е градот е заедничко, нивно, создадено за нив и дека треба да го чуваат. 

Да можам да направам разгледница по урнек на оние старите, убавите најчесто поделени на делови  со повеќе фотографии, а на средината да пишува Поздрав од Куманово, би изгледала вака: 

Едниот дел, низата стари, запуштени, разрушени куќи во кои веќе никој не живее. Дел од нив, и во центарот на градот. Просто плачат да бидат здогледани и некој да ги подигне, потпре, разбуди од кошмарот за да заличат на заслужен дел од историјата на овој град. Од скршените прозорци морничаво растат жбунови, чудно свесни за сопствената слобода да се пружаат накај што сакаат (во едната од нив, низ скршениците кои некогаш биле дом, се уште стои ѕиден часовник, застанат во времето). Бројни се сокачињата и улиците кои имаат вакви заборавени домови, без здив на живот во нив. Стојат така, сами за себе и никому не му значат ништо. Татко ми се уште знае кој живеел во некоја куќа и со меланхолија на стар човек кој има многу време зад себе и се уште го помни, ќе рече:"Ееее, што беше убаво овде. Сум доаѓал тука како дете. Имав другар тука". 

Другиот дел, големите, новите и убави куќи, на кои стои "Куќата се продава" или кои се огласуваат за продажба низ локалните портали. Нечии домови правени на катови, со дворови и бунари во нив. Прекрасни. Подигани за децата, кои своето Утре не го гледаат овде. Заради нивното Денес. Ако родителите се се` уште живи, стари се и не можат да ја одржуваат. Ако не се, оние за кои е правена не се тука и некогашниот дом станува баласт кој тежи и бара ослободување. 

Третиот дел, градбите оформени во станови, платени и преплатени, чекани и дочекани. Некои се уште не. Некоја чудно голема бројка на празни станови се појави некни низ порталите, навистина огромна. Болат спуштените ролетни. Чекаат на оние кои еден ден, можеби ќе си дојдат дома... Еден ден. Кој знае. А можеби и за нивните деца тој Еден ден ќе значи "Станот се продава". 

Четвртиот дел, клупите на градскиот плоштад. Понекој пензионер кој ги храни гулабите, замислено фрлајќи им трошки од лебот што му останал. Зад него, тревник со неколку заспани кучиња, гушнати сами со себе за да се стоплат. Некое негово другарче можеби, седи со него и си муабетат за времето кое поминало. 

Петтиот дел, група млади со фантомки во глуво доба, држат палки во рацете. Дефиниран, но нетретиран, непрепознаен како сигнал кој повикува на аларм и неразбран како револт, кој се стреми да прерасне во нормалност. Онаа нормалност чиешто решение нема да подразбере воведување контроли, барање на причини, соодветно постапување - пред да биде доцна. 

Шестиот дел, млади кои седат во полниот автобус и гледаат во своите телефони, но нема да станат за да седне постар, инвалид, трудница, жена со дете во рацете. Не ни знаат што е тоа, како модел на однесување на кое некој требало да ги научи. Кој? Ете ја и групата млади кои седат на клупите со нозете на местото за седење. Во рацете лименки, гласни. Децибелите во нивното грло се граничат со атак на нервите, дур исплукуваат лушпи од семки наоколу, заедно со сето она што им останува од јадењето. Насекаде, само не во кантата која е на еден метар од нив. А и зошто би внимавале? Имаат многу убави примери каде се фрла. Преку оградата најубаво, па и ако случајно те фати камерата додека го правиш тоа. Што има врска? На разгледницата си и тоа е доволно. 

Седмиот дел, локалната елита влезена во разгледницата по критериуми кои не се заслуга, квалитет, личен печат, вистинска борба за градот кој ги изнедрил, препознатливост како автентичен лик кој знае како Куманово да биде поубаво. ПоНаше. По во секој поглед. Тука се затоа што можат да бидат тука, едноставно и веќе не се ниту оспорува нивното присуство. Нема ни зошто, ако помислиме и на тоа колкав им е придонесот за присуството на останатите шест делови од разгледницата. Кои и да се, и кога и да се, и кога и да биле и ќе бидат заслужни за нејзиниот колор. Поарно само да си ја гледаме разгледницата. Не мора да ја муабетиме. 

Мојата разгледница може да има уште многу делови. Овие седум сликички ниту од далеку не ја прават цела, секако. Знаеме дека секој од нас може да ја направи, само ако сака да прошета, да гледа за да види, да слуша за да чуе и ако сака, да поттикне на размислување кој колку, како и зошто би ја составил  онака како што заслужува. 

До некоја наредна разгледница и во надеж за креирање поубави фотографии, ќе завршам со тоа што ќе речам само: Поздрав од Куманово.

 

Елизабета Секирарска, наставник во пензија

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*