×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Заедно до почиста животна средина

    Даниел Стојчевски

    Зачувувањето на животната средина е од витално значење и опстанок на нашиот град. Куманово е град кој има реална потреба од повеќе зеленило и зелени површини, се` со цел да се ублажи состојбата во која се наоѓа во последните години. Се стремиме да живееме и да функционираме како зелен град и токму заради тоа нашата иднина и иднината на нашите деца треба да ја насочиме кон зголемување на шумскиот фонд. Во изминатиот период, со новото раководство на локалната власт, во континуитет спроведуваме политика на пошумување на секоја површина каде што дозволуваат условите. Како потсетување ќе ги наведам засадените дрвореди на неколку улици, како и обновените зелени површини. Со истата динамика ќе продолжиме и во наредниот период. Но, нашите залагања и акции ќе дадат резултати само доколку имаме безрезервна помош и поддршка од граѓаните, не само во пошумувањето, туку пред се` во зачувувањето на младите садници. Исто така од непроценива вредност за нашата работа се граѓанските иницијативи во креирањето на зелената политика. Затоа ја користам оваа прилика и јавно ги повикувам сите граѓани кои имаат идеи, сугестии и предлози да се вклучат и да учествуваат во создавањето на поубава животна средина.

    Поставувањето на урбана орема е предуслов за чиста околина. Токму затоа во предходниот период посветивме посебно внимание на оваа проблематика. Поставивме корпи за отпадоци во централното градско подрачје и на околните улици, а ќе продолжиме и во другите делови на градот, со единствена цел да се подигне нивото на хигиената во градот и да се создадат здрави навики кај граѓаните, својствени на цивилизираниот свет. Садовите за смет се наменети за одложување на комунален отпад од домаќинствата, а не за депонирање на шут и кабаст отпад кој го попречува нормалното функционирање на нашите служби. Собирањето на комуналниот отпад има директно влијание врз зачувувањето на урбаната животна средина од аспект на санитарно и еколошко значење. Затоа апелираме за поголема совесност кај граѓаните, бидејќи нашите напори се залудни без нивната поддршка.

    Загадувањето е глобален проблем предизвикано од низа урбанистички и климатските промени, а ние во локални рамки правиме напори да се справиме со него. Една од поуспешните мерки е процесот на аеросолизација, кој го ублажува моменталното загадување на воздухот, а дополнително се врши миење на градските улици заради одржување на хигиената во градот. Во наредниот период тој процес ќе го интензивираме и надградиме се во интерес на здравјето на сите граѓани, а пред се на нашите деца. Даваме поддршка на сите протести и идеи, но мора здружено да се избориме со овој проблем, без притоа да си ставаме сопки едни на други и да се обвинуваме за дневно политички потреби. Сама така ќе бидеме пример на идните генерации дека патриотизмот и љубовта кон својот град и нашата земја се отсликува во нашите дела, а не со декларативните заложби на социјалните мрежи и партиските кујни.

     Но, нашите напори нема да дадат резултати доколку во целиот процес не преземе поголема улога образованието и семејството. Затоа што едукативните мерки во градинките и училиштата, како и домашното воспитување, дава најголеми резултати во создавање на здрави генерации кои уште од најмала возраст ги негуваат добрите навики и одговорнсота кон животната средина, а ги изолираат лошите примери на поединци.

    Во овој текст не сакам и не можам да не ја спомнам одговорноста на надлежните, кои имаат законска обврска да го штитат јавното добро и животната средина од нејзините „непријатели“. Редовно и навремено санкционирање на сите загадувачи на животната средина ќе даде поголеми резултати од било која друга мерка. Само така ќе ја заштитиме реката Кумановка од стотиците тони отпад, кој секоја година се чисти по неколку пати, но попусто. Само така несовесните граѓани ќе го заборават самоволието и ќе се придржуваат на урбаните правила на однесување. Ќе станат одговорни кон локалната заедница и општеството во кое живеат. Ќе имаат одговорност а не само привилегии.

    Даниел Стојчевски Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*