Д-р Аргиров со научен труд на престижен конгрес во Бари: „Искуствата од светските лекари се применливи и кај нас“
Младиот лекар и специјализант по општа хирургија д-р Иван Аргиров од Куманово ќе учествува на престижен меѓународен конгрес на хирурзи во Бари, Италија.

Конгресот ќе се одржи од 5 до 8 октомври под покровителство на реномираниот професор Марио Тестини, и ќе ги опфати најновите достигнувања од сите гранки на хирургијата.
„Се работи за голем и сериозен конгрес. Пред стручниот аудиториум составен од специјалисти и професори од сите области на хирургијата ќе презентирам редок случај на агресивен карцином на дебелото црево, кој се јавува со зачестеност помала од 0,7% од сите малигноми, со просечно преживување во понапредните стадиуми околу 13 месеци. Абстрактот веќе е испратен за евалуација и евентуална корекција“, објаснува д-р Иван.
Во целиот процес голема поддршка му е неговиот ментор доцент д-р Андреј Николовски, кој исто така ќе учествува со свој труд и ќе биде дел од стручниот панел на конгресот.
Младиот хирург веќе има значајни меѓународни обуки за доедукација: курсеви за основна и напредна лапароскопска хирургија во Наполи, Италија, како и на курс за неонатална хирургија во Барселона, Шпанија. Особено значаен му е првиот Балкански хируршки конгрес во Копаоник, под водство на професорот Зоран Милошевиќ, кој претставувал платформа за спојување и размена на знаења меѓу хирурзите од регионот.
„Овие собири се непроценливи за младите лекари. Тие не се само академски собири, туку реална можност за учење и унапредување. Остварените контакти со колегите од другите земји ни даваат една перспектива за тоа до каде сме стигнале и на што треба да поработиме, а воедно ни се отвара простор и за понатамошна заедничка едукација и соработка“, вели д-р Иван.
Куманово ќе има свој претставник на еден од најзначајните европски хируршки настани, но дали искуствата кои ги стекнува на овие обуки можe да ги пренесе и примени кај нас.
„Искуствата од врвните лекари, апсолутно се преносливи, прифатени се во голема мера и се применуваат. Потребна е само имплементација на долгорочна стратегија за континуирана едукација и отвореност кон сите новитети во медицината, а тоа без сомнение со текот на времето ќе не доведе на исто рамниште во работата по светските стандарди“.
Д-р Иван веќе шест години работи во Ургентниот центар во Куманово. Секојдневно се соочува со голем број различни случаи – од полесни повреди до сериозни итни случаи и внатрешни крварења, за кои треба брза и навремена реакција.
„Работата во ургентен центар е динамична и полна предизвици. Но, тоа е истовремено и огромна одговорност. Секој случај бара брза и професионална реакција за да се спасат животи и да се обезбеди квалитетна нега. Работата во оваа бурна средина ме научи на стабилност, човечност и пожртвуваност, квалитети кои ќе ги носам со себе во секоја идна фаза од кариерата“, објаснува тој.
Како дел од специјализацијата, д-р Иван имал прилика да работи во различни области на хирургијата, но посебен впечаток и интерес му претставува дигестивната хирургија, посебно во сегментот на "minimal invasive surgery" односно лапароскопската хирургија која се смета за иднина на хирургијата.
Тој вели дека Хируршкото одделение во Кумановската болница, каде што работи, е опремено со современа медицинска опрема, вклучувајќи и лапароскоп од светски позната компанија, што им овозможува да изведуваат и сложени елективни и итни хируршки интервенции. Единствените вистински предизвици се недостигот на анестезиолози, што е проблем не само локален, туку и во целата земја. И немањето на интензивна нега, поради што не се прават посложени операции.
Иако многумина од неговите колеги избираат да заминат во странство, д-р Аргиров ја гледа иднина во својот град.
Д-р Иван беше дел од медицинскиот тим кој се грижеше за спортистите на кошаркарските натпревари на Младинската олимпијада во Куманово. (Фото Кумановоњуз)
„Јас сум роден во Куманово, живеам тука 32 години и работам повеќе од 6 години во нашата болница. Моите родители се тука, моите роднини, моите пријатели. Мојата желба е да се фокусирам и да останам тука. Да им помагам на моите сограѓани со кои се зближивме во текот на годините, да им ја пружам потребната нега. Искрено верувам дека со вистинска поддршка, со меѓусебно разбирање и почит, може многу да се постигне на професионален план и во нашето Куманово“, децеиден е младиот лекар.
За причините поради кои младите лекари одат во странство, претпоставува дека се од егзистенцијална и професионална сигурност, бидејќи веруваат дека нивниот труд ќе биде повеќе вреднуван, а здравствениот систем ќе им понуди подобри услови за работи и повисока матерјална сатсфакција.
Тој професијата не ја избрал случајно. Лекар станал поради лично искуство и семејната традиција.
„Медицината не беше случајна одлука. Таа беше потикната од една ситуација каде што лично јас бев пациент. Но и семејната предизпозиција си игра улога. Имено моите покојни баба и дедо работеа во нашата болница и со години помагале на нашите кумановци“, вели д-р Аргиров со гордост.
Приватно, д-р Иван е семеен човек, сопруг и татко, кој секој слободен момент го користи да го помине квалитетно со најблиските, кои воедно му се и најголемата поддршка и мотивација да се носи со сите професионални и животни предизвици.
(Фото: приватна архива)