Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во предлог текстот што се наоѓа во собраниска процедура на прво читање, има интервенција во повеќе од 1/3 од постојните членови во важечкиот Закон. Важна новина предвидена со новиот законски текст е значителното намалување на максималните износи кои судот може да ги досуди како надоместување на нематеријална штета, предизвикана со навреда или клевета од новинар во вршење на новинарска професија, од уредник или лицето кое го заменува или од правно лице. Така, за новинар овој лимит е 400 евра, за уредникот 2.000 евра, а за правното лице 5.000 евра во денарска противвредност
Фото: meta.mk
Пишува: Александар Георгиев – Калица
Како дел од реформите за усогласување и приспособување на законите на Република Северна Македонија со правото на Европската унија, е и изготвувањето на нов Предлог закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Овој нов закон е во собраниска процедура, предложен е од страна на Владата и има за цел усогласување со меѓународните стандарди, а особено со Европската конвенција за човекови права.
Ваквото усогласување е дел од поглавјето „3.23 Правосудство и фундаментални права“, кое ги покрива областите на правосудство, антикорупциска политика и фундаментални права, односно политиките на Европската Унија кои имаат за цел да се осигури квалитет на правдата и пристапот до правдата за граѓаните
Од донесувањето на актуелниот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета уште во 2012 година, лоцираните се слабости во неговата примена со што се создаде итна потреба тие слабости конечно да се надминат и да се донесе нов закон кој би ги исполнувал меѓународните стандарди.
Во предлог текстот што се наоѓа во собраниска процедура на прво читање, споредбено со важечкиот Закон, се работи за интервенција во повеќе од 1/3 од постојните членови.
Новините во првата глава – каде што се општите одредби на законот, се содржани во членот 5 каде се прецизирани професионалните правила на новинарската професија кои се однесуваат на прибирање, анализа и публикување на информации утврдени од професионалната организација на новинарите, при што се додава дека тие треба да бидат во согласност со етичките принципи на Меѓународната федерација на новинари.
Значајна новина е содржана и во членот 6 од Предлогот на законот, посебно во делот со легитимација на странките и различната судска пракса што имаше за последица отфрлање на тужбите, а со тоа и создавање на различна пракса.
Предложеното решение за измена на член 6 ставот (3) од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета гласи:
За навреда сторена преку средства за информирање на кои се објавуваат содржини на начин достапен за јавноста, можат да одговараат авторoт, уредникот или лицето кое го заменува и правното лице како издавач. Ако средството за информирање нема уредник или лице кое го заменува одговара физичкото лице или правното лице сопственик на средството за информирање.
Поимот „средство за информирање“ не регулира таксативно кои се тие средства за информирање. Европската конвенција и искуствата кои произлегуваат од праксата на ЕСЧП укажуваат дека просторот за изразување треба да биде слободен, без стриктно набројување или определување на сите средства или форми на јавно информирање. Ригорозно регулирање на медиумскиот и другиот простор претставува опасност и може да доведе до цензура. Оттука, потребно е да одговара секој кој ќе ги прекрши стандардите, но слободата на изразување мора да биде целосно оставена. Со новото решение се овозможува тужителот при поднесувањето на тужбата да е слободен да одлучи против кое од лицата од ставот (3) од овој член ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и надоместување на штета за навреда.
Во членот 10 направено е техничко подобрување на текстот со воведување на поимот „средство за информирање“. Со поимот „средство за информирање“ се опфаќаат разни средства, форми и начини на информирање на кои се објавуваат содржини достапни за јавноста, но го опфаќа и поимот средство за јавно информирање и другите средства кои се регулираат со Законот за медимуите.
Во истиот член се интервенира со нов став (5) со кој се исклучува одговорноста за клевета за средството за информирање што го пронесува тврдењето ако е платформа за агрегација на медиуми, освен во случај кога платформата е формирана со цел за злоупотреба на слободата на информирање, спротивно на законите во областа на јавното информирање. Воведувањето на ваков исклучок превенира ризик за намерно креирање на платформа за агрегација со цел пронесување на невистинити и клеветнички содржини.
Како значајна новина предвидена со новиот закон е значителното намалување на максималните износи кои судот може да ги досуди како надоместување на нематеријална штета предизвикана со навреда или клевета од новинар во вршење на новинарска професија, од уредник или лицето кое го заменува или од правно лице. Така, за новинар овој лимит е 400 евра, за уредникот 2000 евра, а за правното лице 5000 евра во денарска противвредност.
Со донесувањето на овој закон ќе се постигне усогласеност со меѓународните стандарди, Европската конвенција, праксата на ЕСЧП и Член 28 од Директива 2010/13/ЕУ CELEX бр. 32010L0013.
Иницијативата за донесување на нов закон е нотирана и во последниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија за 2021 година, каде се потенцира намалувањето на максималните износи за нематеријална штета предизвикана со навреда или клевета од новинар.
Предлог законот е сè уште во собраниска процедура на прво читање со европско знаменце.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар