Дизелот поевтинува за 2,5 денари
Дизел горивото од ноќеска на полноќ поевтинува за 2,5 денари за литар, а цената на екстра лесното масло за домаќинството се намалува за два денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,26 отсто.
Новата малопродажна цена на еуродизел БС (Д-Е V) ќе изнесува 70,5 денари за литар, а на екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) 67,5 денари. Еуроупер БС – 95 и понатаму ќе се продава за 75, а еуроупер БС – 98 за 77 денари за литар.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 2,370 отсто, кај дизелот за 6,738, кај екстра лесното масло за 6,741 и кај мазутот за 3,944 отсто.

