Изложба на македонскиот сликар Стефан Хаџи - Николов во Крива Паланка
Во галеријата на Градски музеј Крива Паланка, утре во 20 часот ќе се отвори самостојна изложба на познатиот македонски сликар Стефан Хаџи-Николов.

Изложбата е на иницијатива на Градскиот музеј, кој оваа година започнува со организирање годишни изложби на учесници од Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, која се одржува во истоимениот манастирски комплекс.
Стефан Хаџи-Николов е долгогодишен учесник на колонијата и член на Организацискиот одбор, што го прави идеален избор за отворање на оваа серија изложби. Тој е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1984 година и има реализирано повеќе од 75 самостојни изложби и над 100 групни изложби во земјата и странство. Добитник е на бројни награди и признанија, вклучувајќи ги највисоките државни награди „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата и уметноста и „13 Ноември“ за високи достигнувања во сликарството.
Меѓу неговите признанија се и наградите „Климент Охридски“, „Вангел Коџоман“, „Константин Мазев“ и „Лазар Личеноски“. Особено значајна е наградата „Златни феномени“, која му беше доделена од бугарската асоцијација „Феномени“ (АСФЕН) во 2002 година, со што стана првиот Македонец кој ја добил оваа награда.
Изложбата на Стефан Хаџи-Николов е дел од богатата програма на манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“.
Никола Митовски