Со средства од Општината ќе се реконструира водоводната мрежа во Младо Нагоричане
Во селото Младо Нагоричане започна реконструкција на воводната мрежа. Проектот го финансира Општина Старо Нагоричане во висина од 1.3 милиони денари, а изведувач на работите е Јавното комунално претпријатие „Козјак“.

Ова е прва интервенција за обновување и реконструирање, по 33 години, откако е изграден водоводот.
„Поради зачестени дефекти и пукања на цевките се заменуваат старите со нови пумни водови во должина од 1400 метри. Веќе првите 400 метри се завршени, а градежните активности продолжуваат и понатаму. Целокупната должина на водоводната мрежа е 3.6 километри, но за сега се работи само во централниот дел од месноста викана Света Петка, покрај училиштето и долу до реката“, изјави Бобан Цветановски, заменик градоначалник на Општина Старо Нагоричане.
Воводоводната мрежа во селото е изградена во 1990 година од самопридонес на месните жители. Во 2010 година водоводот е предаден во владение на ЈКП „Козјак“.
Со последната интервенција надлежните се сигурни дека ќе има трајно решение на проблемот со водоснабдувањето, но не застануваат тука. Цветановски најави и нови проекти кои се во подготвителна фаза за стабилизирање на постоечкиот и проширување на досегашниот водоводен систем, за почеток, во двете најголеми села Младо и Старо Нагоричане.