Владата ќе набави 120 електрични автобуси и ќе ги донира на Скопје и на општините кои имаат градски превоз, за да се намали аерозагадувањето
Почната е постапка за набавка на 120 електрични автобуси, кои ќе се донираат на Градот Скопје и на општините кои имаат градски превоз, најави денеска премиерот Христијан Мицковски.

„Како Влада отпочнавме и веќе е во завршна фаза, преку Министерството за транспорт, објавување на јавна набавка преку која ќе бидат купени 120 електрични автобуси. Ценам дека тоа е многу важно не само за главниот град, туку и за останатите општини кои имаат организиран јавен градски превоз и истите пропорционално ќе бидат донирани од Владата, се разбира со целосна инфраструктура за полнење на тие автобуси“, рече премиерот Мицковски.
Во рамки на надзорната расправа во Собранието посветена на аерозагадувањето премиерот одговараше на прашања за влијанието на транспортот врз загадувањето на воздухот, кој според анализите е втор загадувач. На расправата се истакна дека железничкиот транспорт не само што е економски најефикасен, туку има и најмали импликации врз загадувањето на воздухот, и Владата презема сет на мерки во таа насока со цел да се набават еколошки модерни средства за јавен превоз и модернизација на железничкиот систем во државата.
Куманово трета година по ред има бесплатен градски превоз, со цел да се намали сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и загадувањето на воздух, поради што се потрошени над 3 милиони евра општински пари.
Резултати од оваа мерка речиси и да нема во однос на овие две цели, бидејќи не се намали користењето на автомобилите, ниту пак се намали загадувањето.
Граѓаните се поделени за оправданоста на оваа мерка, додека едни ја фалат, други ја сметаат за непотребна, бидејќи нерационално се трошат јавни пари на штета на многу сериозни инфраструктурни проблеми кои ги има општината.