Жените-лидерки ја подигаат јавната свест за важноста на менталното здравје кај младите
За менталното здравје на младите нема многу податоци, но постоечките истражувања укажуваат на големи проблеми од типот на депресија и анксиозност кај децата и адолесцентите, што се должи на фактори како што се сиромаштијата, социјалната исклученост, изложеноста на семејно насилство и стигмата, беше истакнато на Форумот на заедницата за подигнување на јавната свест за менталното здравје кај децата, адолесцентите и младите, што се одржа во EU House Крива Паланка.

Форумот е во организација на Светската здравствена организација (СЗО), во партнерство со жените-лидерки од локалната заедница и Здружението за одржлив развој БИОМ од Скопје.
„Поминавме соодветната обука од стручни лица, а сега продолжуваме со организација на форуми и со отворени разговори во своите заедници. Преку обуките сфативме колкав предизвик е менталното здравје на младите, наспроти предрасудите и стигмата за овие проблеми и колу е важно да разговараме во интерес на добросостојбата на учениците“, истакна претседателката на Советот на Крива Паланка, Изабела Павловска, која е една од 5-те лидерки од оваа општина.
За состојбата со менталното здравје кај младите зборуваа проф. д-р Марија Ралева, детски психијатар, Александра Димитровска, психолог и Зурија Мемедова од Здружението БИОМ, а Борче Николовски ја пренесе пораката на Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО.
„Според последното истражување на Универзитетската клиника за психијатрија со поддршка од УНИЦЕФ, околу 30% од адолесцентите имаат умерени до тешки симптоми на депресија, додека скоро половината од нив, 48,4%, изјавиле дека се чувствувале потиштено или тажно подолг временски период во текот на изминатата година“, посочи д-р Ралева.
Најновите резултати од истражувањето за однесување на децата од училишна возраст (на 11, 13 и 15 г.) во нашата земја, пак, спроведено со поддршка на УНФПА, покажуваат дека дури 57% од девојчињата на 15 години пријавиле чести нерасположенија, речиси секојдневно во последните шест месеци. И задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата.
„Како дел од Заедничката глобална иницијатива на СЗО и УНИЦЕФ за ментално здравје и психосоцијална добросостојба и развој на децата и адолесцентите, воспоставуваме соработка со жени-лидерки од одбрани локални заедници и им помагаме да ја подигнат јавната свест за важноста на превенцијата и навремениот третман на проблемите поврзани со менталното здравје. Целта ни е да им обезбедиме на ангажираните жени-лидерки знаење и алатки и да ги охрабриме да го кренат гласот во средините каде живеат за оваа значајна тема“, подвлече Мемедова.
Целта на форумите е отворена дискусија за распространетите проблеми со менталното здравје кај децата и адолесцентите, запознавање со стратегии и решенија за предизвиците на локално ниво, ефективните мерки за промовирање на менталното здравје и благосостојба кај младите.