×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Гимназијалки од Куманово ќе учествуваат на Олимпијада за геонаки во Јужна Кореја

    23.07.2019 06:42 | KumanovoNews

    На 13. Олимпијада за геонауки (International Earth Sciences Olympiad), која од 23 август до 3 септември ќе се одржи во Даегу, Јужна Кореја, учество ќе земат и средношколци од Македонија

    Гимназијалки од Куманово ќе учествуваат на Олимпијада за геонаки во Јужна Кореја

    Сара Стојчевска, Кристина Спасовска и Јована Маниќ, ученички од прва и втора година во гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово, како и Оливер Куновски од средното училиште „Орце Николов” во Скопје го сочинуваат националниот тим, кој со знаење ќе ги брани боите на нашата земја. Откако постигнале најдобри резултати од областа на географија на општинско, регионално и државно ниво, тие се пласирале на престижниот светски натпревар, каде што ќе настапат над 40 земји.

    Таму ќе полагаат писмен, устен и практичен дел од областа на физичка географија – геологија, астрономија, метеорологија и климатски промени и хидрологија, како и заемни влијанија и условености на овие компоненти, поради што летово интензивно се подготвуваат под менторство на професори од Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, кои со нив ќе патуваат во Јужна Кореја.

    „Одиме во Јужна Кореја да победиме и да ја презентираме нашата земја. Овие два и пол месеца максимално сме фокусирани на учењето за Олимпијадата. Нема да биде лесно, но колку повеќе учиме на факултет, толку повеќе ме привлекува оваа област и се надевам дека ќе ги исполниме нашите очекувања“, вели Сара Стојчевска.

    „Многу сум возбудена, затоа што Олимпијадата ќе ми отвори нови можности во животот. На натпреварот ќе присуствуваат професори од најпрестижните факултети во светот и со високиот пласман, всушност, ќе ни се отвори можност да студираме во странство“, додава Кристина Спасовска.

    „Работиме напорно и дисциплинирано и се надевам дека тоа ќе даде резултати. Ќе дадеме сѐ од себе на најдобар начин да се претставиме и да освоиме едно од првите места“, додава Јована Маниќ.

    Нивните професори по географија во гимназијата „Гоце Делчев“, Срѓан Стојмановски и Емилија Трајковска, се горди што во силна конкуренција од 63 ученици нивните деца постигнале извонредни резултати и за првпат тројца од едно училиште ќе одат на меѓународно натпреварување.

    „Без лажна скромност, не се сомневам во нивните капацитети и очекувам дека ќе се вратат со некој медал. Како и да е тие се морални победници во нашите очи, бидејќи знам колку се посветени, колку имаат висок степен на самодисциплина во работата.  Тие ќе го трасираат патот и за идните генерации и затоа треба да им дадеме максимална поддршка. Ние сме горди на нивниот успех, како училиште и како град“, вели професорот Стојмановски, кој додава дека Македонското географско друштво, кое постои 70 години, годинава првпат аплицирало и добило акредитација за учество на оваа Олимпијада.

    Според пропозициите на Македонското географско друштво, финансирањето за учество на натпреварот е на товар на родителите, но поголем дел од средствата за котизација, сместување и патување ги обезбедиле Агенција за млади и спорт, Агенција за иновации, Општина Куманово и локални фирми.  Недостасуваат уште малку средства, па професорите апелираат до компании да дадат поддршка на тимот, за да неоптоварени со финасиски проблеми се покажат во најдобро светло и да се вратат со високи резултати од  Меѓународната олимпијада.