Кратово го оживеа балканското наследство од 19 век преку фестивал на традицијата и културата(видео)
Традиционалните занаети, фолклорот, гастрономијата и историските приказни од минатото беа дел од фестивалот „Балканското наследство од 19 век“, кој се одржа изминатите три дена во Кратово, во организација на Здружението за култура и уметност „Пеонија“.
Фестивалот ги обедини културните вредности и традициите на регионот, претворајќи ги улиците и амбиентот на Кратово во простор за средба со минатото. Преку разновидна програма, посетителите имаа можност да се запознаат со старите занаети, народните обичаи,традиционалната музика, автентична храна и носии од прекуграниниот регион, како и со историските настани што оставиле белег врз културниот идентитет на Балканот.
„Посебно место на програмата имаа едукативните и креативни работилници за памукот, филцот, плетењето кошници и изработка на минијатурни бардачиња, преку кои беа претставени традиционалните занаетчиски техники и вештините што се пренесувале од генерација на генерација. Големо внимание предизвика и реконструкцијата на историската приказна „Битка против Османлиите“ во изведба н Здружението „Хајдути“ од Пловдив“, истакна Драган Георгиевски од Здружението „Пеонија“.

Дел од фестивалот беа и изложбени поставки, тркалезни маси и работилници посветени на староградската архитектура, етнокореологијата, модата од 19 и почетокот на 20 век, жените и традицијата, оружјето на ајдутите и други, преку кои се презентираа културните и историски вредности од минатото. Фотографските активности и сценските оживувања на историски настани дополнително ја доближија атмосферата на 19 век до посетителите.
Со фестивалот „Балканското наследство од 19 век“, се придонесува кон зачувувањето и популаризацијата на традицијата, истовремено поттикнувајќи го интересот на новите генерации за културното наследство. Бидејќи наследството не живее само во музеите и старите предмети, туку и во вештините, приказните и обичаите што се чуваат и се пренесувааат.

Проектот „Културна област“ го реализираат Регионалниот историски музеј од Ќустендил, Историскиот музеј од Дупница, ЛУ Градски музеј од Крива Паланка и Здружението „Пеонија“ од Кратово, во соработка со Софискиот универзитет.