Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во 1919 година започналa меѓувоената колонизација на Македонија. Најнапред населувањето ги зафатила северните области од Вардарска Македонија, заради близината на државата од каде што главно доаѓале српски колонисти.
Во кумановскиот крај првите српски колонистички семејства пристигнале уште во 1919 година. Во блиските села до Куманово најмногу се населувани Личани и тоа во компактни маси, а во другите биле измешани. Најбројни биле во Табановце, каде што биле населени претежно Банаќани, потоа во Љубодраг, каде што колонистите биле измешани, а делумно биле колонизирани уште 11 други населби.
Милан Ившиќ забележал дека во 1919 година во кумановско биле населени 360 семејства, што според неговата статистика, претставува најголем број семејства населени во 1919 година од сите други окрузи во Македонија.
Успешното изведување на колонизацијата зависело од повеќе фактори. Првенствено колонизацијата зависела од материјалните средства потребни за обезбедување услови за сместување на илјадници колонисти, кои изразиле желба да се населат во Македонија. Кога државата можела да осигура средства (куќи за колонистите, земјоделски инвентар, семе потребно за првата сеидба, како и заеми со кои можеле да ги задоволат своите први неопходни потреби во новата средина и др.), тогаш и колонизацијата се одвивала поинтензивно. Но, пред се’, таа зависела од организацијата и планирањето, како и од нужната евиденција и прегледност на завршената работа, но тоа било најслабата страна во изведувањето на колонизацијата. Кога притоа ќе се имало во предвид внатрешната политичка ситуација, што најчесто влијаело и на колонизацијата, тогаш текот на колонизацијата можел да се подели на три етапи:
1.Од 1919 до 1923 година;
2.oд 1924 до 1928 година;
3.од 1929 до 1941 (6 април), кога со оружениот напад на Кралството Југославија од страна на фашистичката Германија престанале секакви работи на колонизацијата.
Во периодот од 1919 до 1923 година во Кумановскиот огруг биле населени 525 семејства, во вториот бран од 1924 до 1928 година, 194 семејства, додека за третиот период немаме податоци.
Во следниот посебен дел ќе ја прикажеме состојбата на 13 посебни колонистички населби. Податоците за 10-те села се собирани во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, додека за 3-те села податоците се од 40-тите години на минатиот век. Денеска состојбата секако е изменета. Некои родови поради внатрешна миграција на ниво на Општина Куманово, се преселени од село во градот Куманово, другите поради политички прилики во кумановскиот крај од 2001 година и т.н.
ТАБАНОВЦЕ
Табановце спаѓа во значајни населби во Кумановската област. Се наоѓа во нејзиниот северен дел и подеднакво е оддалечено од најблиските градски населби – Куманово на југ и Прешево (Србија) на север. За време на ослободувањето од турската власт 1912 год., Табановце било затекнато со околу 50 христијанско-словенски и 5-6 муслиманско-албански домаќинства, а после тоа настанал важен напредок на селото. Околу 1921 година за оваа населба значајно е населувањето на колонистите – Личани, Далматинци и Србијанци. Тие основале три посебни маали: Киселица, Сланиште и Воиновиќ. Се населувало и друго население. Во 1972 година во споменатите колонистички маала имало околу 64 домаќинства. Маалото Киселица (9) куќи, маалото, Воиновиќ (околу 20) и маалото Сланиште (околу 35). Во маалото Воиновиќ живееле колонисти од Лика, додека во останатите маала колонисти од Србија (од околината на Пирот (околу 15 куќи) и Далмација. Иселени колонисти од Табановце сега има во селата околу Смедерево. Во 2015 година некогашната маала Воиновиќ е прогласено за посебно село.
КОСТУРНИК
Населбата официјално била прогласена за село во 2015 година. Поради пропустите во минатото оваа село се водело како маало на Горно Којнаре. Костурник од Горно Којнаре е оддалечен 2 км. кон северозапад. До 1912 година Костурник бил утрина на атарот на споменатото Г. Којнаре. Утрината зафаќала површина околу 60 хектари. По Првата светска војна, утрината била поделена на колонисти (8 домаќинства) од околината на Пирот. Тие утрината ја претвориле во ниви. Меѓутоа, околу 1960 година, српските колонисти од Костурник, земјата ја продале на Албанците доселени од селото Дунава кај Гнилане. Така сега Костурник е албанско-муслиманска населба.
ДОЛНО КОЈНАРЕ
Куќите на оваа населба се наоѓаат во долината на Којнарска река, околу 3 км северно од Куманово. При ослободувањето од турската власт 1912 година, Долно Којнаре било затекнато со околу 20 турски и 5 македонски домаќинства. Меѓутоа, во војните 1912-1918 година сите домаќинства се иселиле. По завршувањето на Првата светска војна, селото било без население. Долно Којнаре го обновиле српски колонисти 1924 година. Се доселиле од околината на Пирот, а во помал број доаѓале доселеници од околината на Крива Паланка. Колонистите и другите доселеници имале прилика да купат нешто земја од иселени Турци. Некои колонисти имале земја во Долно Којнаре, додека живееле во Куманово. Српски колонисти во Долно Којнаре се: Јовановиќ I, Јовановиќ II, Цветковиќ I, Цветковиќ II, Вучковиќ и П етровиќ, се доселиле во 1924 година од Рудиње од околината на Пирот. – Манчиќ и Стојановиќ, се доселиле во 1924 година од селото Присјан, исто така од околината на Пирот. Марковиќ, дошле исто така во 1924 година од околината на Пирот. – Лазаревиќ, во 1935 година се доселиле од пиротското село Темска. – Божо, доселен од кумановското село Опае, а таму бил населен од околината на Пирот. – Николиќ, со потекло од селото Калово во Горна Пчиња (Србија). Имаат две одселени фамилии во Банат.
РЕЧИЦА
Куќите на оваа колонистичко село се наоѓаат северозападно од Куманово во плитка долина. Околни селски населби се: Долно Којнаре, Горно Којнаре, Режановце, Опае и Ваксинце. Атарот на с. Речица пред крајот на турското владеење бил утрина и „бузалак“. Во атарот напасувале добиток населението од соседните села – Режановце, Опае и Куманово. Како колонистичко село Речица е основана во 1922 година. Во јуни споменатата година се населени четири домаќинства – три од околината на Смедерево и едно од Горна Пчиња од селото Стајевац. После тоа колонистичките домаќинства започнале да се зголемуваат „куќа по куќа“ и да се придаваат. Тоа било воглавно до 1922 и 1923 година, кога во селото имало 27 домаќинства. Населението на Речица по потекло биле од разни краишта на поранешна Југославија: од околината на Смедерево, Зајачар, Пирот, од Срем, Црна Гора и Горна Пчиња.
Српски родови. Доселеници од 1922 и 1923 год се: Грнчари (6 куќи), Стојановиќ (2 куќи) и Томиќ (1 куќи), се доселиле од Стајевац во Горна Пчиња. – Јовановиќ (3 куќи), дошле од Радовница исто така во Г. Пчиња. – Николиќ (6 куќи), дошле како две куќи од Томник од околината на Пирот. – Поповиќ и (3 куќи), Вучковиќ (1 куќи) и Петровиќ (1 куќи), се доселиле исто така од поединечни села од околината на Пирот. – Божовиќ (1 куќи), се доселиле од Црна Гора.
РАЈКОВА КУЌА
Рајкова Куќа или населба Карпош е населба која се наоѓа 2,5 километри североисточно од Куманово, околу патот Куманово-Крива Паланка. Спаѓа во најмлада населба во Кумановската област. Тука во минатото постоела утрина (кашла), која била дел од атарот на соседното село Долно Којнаре. На споменатата утрина покрај патот во 1922 година прв соѕидал куќа Рајко Благојевиќ, колонист доселен од Босна од селото Горњи Бродац од околината на Бјелина. По него и неговата куќа постанало името на населбата – Рајкова Куќа, а во минатото се слушало и името Рајковац. Недалеку од куќата на Рајко Благојевиќ, изградиле куќи и други луѓе кои не биле колонисти. Во текот на Втората светска војна, Бугарите ја запалиле целата населба. Денешна Рајкова Куќа обновена е од 1945 година со доселеници од кумановските планински села – на планината Козјак и од планината Скопска Црна Гора (Карадак).
ТРОМЕЃА
Тромеѓа се наоѓа недалеку од Куманово од источната страна. Населбата лежи во една сува долина во правец Северозапад-Југоисток, а соседни села се Проевце, Шупљи Камен и Младо Нагоричане. Тромеѓа е основана со помош на државната власт како колонистичка населба. Тоа било 1920 година кога биле доселени први лички домаќинства од Лика (Хрватска). После тоа следувало и доаѓањето на другите колонисти. До крајот на 1923 година, селото имало 40 куќи. Доселувањето не престанало ни подоцна, па така во Тромеѓа во 1926 година имало 75 куќи. Куќите на првите колонисти биле градени во два паралелни редови. Во изградбата раководел инженерот Симо Чикаревиќ од Скопје. Тој го и предложил името на селото, бидејќи е основано на тромеѓето на околните постари населби – Проевце, Долно Којнаре и Младо Нагоричане.
Српски родови. Доселеници од 1920/23 година и од 1925/26 година се: Стрика (4 куќи) се доселиле од личкото село Плашко. – Свилар (2 куќи) и Хиниќ (1 куќи), дошле од личкото село Пеќане. – Крајинов иќ (2 куќи), дошле од личкото село Читлук. Една нивна фамилија се преселила во Куманово. – Мандиќ (1 куќи), се населиле од личкото село Јошан. – Ралиќ (1 куќи), дошле од личкото село Мочила. Населението на споменатите родови познати се под заедничко име Личани.
Дојчиновиќ (3 куќи), Манчиќ (1 куќи) и Костиќ (1 куќи), се доселиле од селото Завој од околината на Пирот. – Симоновиќ (3 куќи), дошле од селото Вучје. Населението на споменатите родови познати се под заедничко име Пироќанци.
Ѓорѓевиќ (3 куќи), се доселиле од Големо Село во Пољаница. – Симиќ (2 куќи), дошле од селото Лукарце во Врањско Поморавје. Населението на споменатите родови во Тромеѓа се познати под заедничкото името Врањанци.
Стајиќ (5 куќи), Павловиќ (3 куќи), Пауновиќ (2 куќи) Козједолани (12 куќи), се доселиле од Козји Дол во Горна Пчиња. – Станојковиќ (3 куќи), дошле од селото Јабланица, исто така во Горна Пчиња.
Население населено во текот на Втората светска војна и подоцна: Козједолчани (околу 80 куќи), дошле од селото Козји Дол во Горна Пчиња. – Станојковиќ (3 куќи), дошле од селото Јабланица исто така во Горна Пчиња.
ЧЕРКЕСКО СЕЛО
Куќите на оваа населба се наоѓаат во сува долина, во близина на железничка станица „Куманово“. Черкези не е стара населба, го основале народот Черкези од Кавказ, доселени 1864 година. Селото било основано на утрина која се наоѓала на тремоѓето на атарите на соседните населби – Бедиње, Романовце и Куманово. Во војните од 1912-1918 година, населението на Черкези се иселиле во Турција. Во населбата останале само пет домаќинства. После Првата светска војна, на имотите на иселените Черкези се населувале Албанци и Срби.
Во 1935 година во Черкези имало 13 српски колонистички домаќинства. Од нив десет домаќинства со потекло од Пирот, 1937 година преминале во Куманово. Тие домаќинства го задржале имотот и нивите на атарот на споменатото село. До крајот на Втората светска војна во Черкези живееле само две српски фамилии со 3 домаќинства. Тоа биле Лилиќ (2 куќи) и Стојиќ (1 куќи), доселени од селото Вета од околината на Пирот.
ЉУБОДРАГ
Љубодраг се наоѓа во близината на Куманово од западната страна. Низ Љубодраг поминува стариот пат Куманово-Скопје. Се граничи со соседните села Лопате, Ново Село, Черкезе и др. Љубодраг бил основан на утрина, со помош на државната власт во 1921 година. Името на населбата било дадено по првото колонистичко домаќинство, доселено од Банат. Домаќинот на куќата се викал Љубо, додека неговата жена се викала Драга. Така настанало името Љубодраг. После доселувањето на првото домаќинство, за брзо време следувало доселување на други колонистички фамилии. Имало 20 фамилии од Банат и Срем, и 30 фамилии од Лика, Далмација и од јужна Србија. Така во Љубодраг во 1925 година имало околу 50 куќи.
Српски доселеници од Р. Србија од 1921 до 1923 година се: Михајловиќ (5 куќи), Гроздановиќ (4 куќи) и Грујиќ (1 куќи) се доселиле од Радовница во Горна Пчиња. – Анѓелковиќ (2 куќи), дошле од Бела Паланка. – Маниќ (3 куќи), дошле од околината на Пирот. По Втората светска војна се населиле Радов ничани ( 20 куќи) и Лесничани ( 11 куќи). Дошле од горно-пчињските села Радовница и Лесница.
УМИН ДОЛ
И куќите на оваа колонистичка населба се наоѓаат покрај стариот пат Куманово-Скопје, а околни населби се: Ново Село, Љубодраг, Ропаљце и уште некои. До 1921 година атарот на Умин Дол претставувал пасиште кои го користеле сточарите од околните села. Денешната населба потекнува од споменатата година кога се населиле 5 колонистички домаќинства. Наредната 1922 година населено е 20 исто така српски фамилии. Потоа во 1923 година се населиле 10 домаќинства. Останатото население како и колонистите биле населени после 1925 година. Српски колонисти во Умин Дол потекнувале од разни краишта на поранешна Југославија: Лика, Банија, Босна, Херцеговина, Црна Гора, Горна Пчиња. Сепак, најповеќе имало Личани (околу 40%) и Пчињанци, т.е. доселеници од планинските села во околината на Трговиште во Србија. На колонистите им биле доделувани и утрини во околните села.
Српски родови: Од 1921 до 1923 година се доселиле: Докмановиќ (5 куќи), Ракиќ (1 куќа), Божичковиќ (2 куќи), Богдановиќ (1 куќа) и Свилар (1 куќа), со потекло од Лика (Хрватска): први два рода од Личко Петрово Село, трети од село Турајска, четврти од Бабин Поток, петти од Пеќане. – Јериниќ(2 куќи) и Поповиќ (1 куќа) се доселиле од Банија. – Радошевиќ (2 куќи), се доселиле од Добро Село од околината на Босанска Крупа. – Перуновиќ (1 куќа), дошле од Црна Гора. - Манојловиќ (1 куќа), се доселиле од Гроцка близу Белград. – Станковиќ (4 куќи) и Крстиќ (1 куќа), се доселиле од селото Вета од околината на Пирот. Ги нарекуваат и Пироќанци.
Од 1925 до 1940 година се доселиле следниве родови: Златановиќ I (4 куќи), Јаќимовиќ (3 куќи), Недељковиќ (1 куќа), Пешиќ (1 куќа), Спасиќ (1 куќа) и Трајко (1 куќа) се доселиле од Козји Дол во Горна Пчиња. – Златановиќ II (2 куќи) и Спасиќ (2 куќи), дошле од Радовница, исто така од Горна Пчиња. - Милосављевиќ (3 куќи), Горновчани (2 куќи), Стаменковиќ (2 куќи), Станковиќ (1 куќа) и Станојко (1 куќа), се доселиле од Горновац, исто така во Горна Пчиња. - Ристиќ (1 куќа), се доселииле од пчинското село Црвени Град. – Ивановиќ (1 куќа), Симоновиќ (1 куќа), Станимир (1 куќа) и Стојковиќ (1 куќа), се доселиле од разни села од Горна Пчиња. – Цветковиќ (1 куќа), се доселиле од Големо Село во Пољаница, потекнуваат од претци кои им биле православни Роми.
Во текот на Втората светска војна и подоцна се доселиле Гиланчани (16 куќи). Дошле од селото Цапар во околината на Гнилане. Таму биле колонисти. Прво потекло им е од Врањско Поморавје и Горна Пчиња.
Доселеници од Втората светска војна и подоцна се: Радовничани (16 куќи), Стајовчани (16 куќи), Лесничани (10 куќи), Карловчани (2 куќи), Сурлачани (2 куќи) и Ѓерекари или Поповиќ (2 куќи), се доселиле од Горна Пчиња од селата Радовница, Стајевце, Лесница, Калово, Сурлица и Ѓерекарце.
НОВО СЕЛО
Ново Село се наоѓа во плитка долина во правец југозапад-североисток, покрај стариот пат Куманово-Скопје. Ново Село спаѓа во млади населби во Кумановската област. Основано е на утрина на кои биле населени мухаџири од Бугарија во 1878 година. Од основањето на населбата се нарекувало Помачко Ново Село или Помачко Село. Во Балканските војни од 1912 година еден дел од тоа население се повлекло со турската војска. Во населбата останале само 25 домаќинства и тоа до 1925 година и тие се иселиле во Турција. Христијанско прво население во Ново Село се доселиле во 1921 година како колонисти. Во наредните десет години се извршило главното населување. Покрај купената земја од иселените муслимани, тие добиле земја со помош на аграрна реформа. Во Ново Село во 1965 година најповеќе доселеници имало од две области во Србија – од околината на Пирот (29 куќи) и од Горна Пчиња (36 куќи).
Доселеници од селата од околината на Пирот се: Ќириќ (6 кучи) и Панчиќ (1 куќа) дошле од селото Станичење. – Савиќи (4 куќи), дошле од селото Росоман. – Црновршани (6 куќи), се доселиле од селото Црни Врх. – Топлодолци (3 куќи), се доселиле од селото Топли Дол. – Петровиќ (1 куќа) дошле од селото Мирковци. – Гостушани (2 куќи), се доселиле од селото Гостуша. – Здравковиќ (1 куќа), дошле од селото Ораховац. – Младеновиќ (1 куќа), се доселиле од селото Ѓоштице. – Крстиќ (1 куќа) се доселиле од селото Засковци.
Доселеници од селата во Горна Пчиња се: Младеновиќ (3 куќи) и Тасиќ (2 куќи), тие се од селото Козји Дол. – Томиќ (2 куќи) и Симоновиќ (1 куќа), дошле од селото Горња Трница. – Цветковци (3 куќи), Цветковиќ (2 куќи) и Качер (1 куќа), се доселиле од селото Широка Планина. – Митиќ (6 куќи), Тасиќ (4 куќи), Арсиќ (3 куќи), Антиќ (2 куќи), Митиќ (1 куќа), Стефановиќ (1 куќа) и Стојановиќ (1 куќа), се доселиле од Трговиште. Останатите доселеници се: Стојковиќ (2 куќи), се доселиле од Топоница од околината на Бела Паланка. – Јеремќ (2 куќи), со потекло се Личани. Пред тоа живееле во соседното село Умин Дол.
РОПАЉЦЕ
Податоците за селото Ропаљце кое се наоѓа во подножјето на Скопска Црна Гора (Карадак) се соберени во 1940 година. Тогаш населбата имало мешовито население – албанско и српско. Малобројното српско население било доселено почнувајќи од 1921 година како колонисти. Добивале утрина кои постепено ја претворувале во добра ораница.
Српски родови биле: Мемиќ (2 куќи), се доселиле од Босна во 1921 година. – Митреви (2 куќи), се доселиле во 1924 година од селото Барбаце во Горна Пчиња. – Стојановиќ (1 куќа), дошле во 1924 година од селото Шумата Трница кај Ристовац во Врањска котлна. – Близнакови (1 куќа), се доселиле во 1929 година од истото место од каде се и Стојановиќ. – Станислав (1 куќа) се доселил од Магленце. – Антеви (1 куќа), се доселил во 1934 година од Трговиште во Горна Пчиња.
БУКУРИЦА
Букурица е исчезната селска населба која се наоѓала во подножјето на планината Скопска Црна Гора (Карадак), покрај патот меѓу соседните села Виштица и Матејче. Букурица била основана на утрина во 1922 година. Во 1940 година во Букурица имало 5 српски колонистички родови, од вкупно 6 домаќинства. Родовите биле: Бајиќ (2 куќи), доселени од Босна. – Алексиќ (1 куќа) и Потиќ (1 куќа), доселени од околината на Пирот. – Славкови (1 куќа), доселени од Кривопаланечки срез. – Пецуљановци (1 куќа), потекнувале од кумановското исчезнато село Думановце.
МАТЕЈЧЕ
Матејче се наоѓа во подножјето на планината Скопска Црна Гора (Карадак), и во него во 1940 година живеело етнички разновидно население. Денеска селото Матејче е чисто муслиманско-албанско село.
Група на родови кои биле доселени од околината на Пирот се: Николиќ (4), Алексиќ (4), Спасиќ (4), Ф илиповиќ (4), Станојевиќ (3), Ќуриќ (2), Ѓорѓевиќ (2), Илиќ (2), Јовановиќ I (2), Петровиќ (3), Младеновиќ (2), Јовановиќ II (2), Николиќ (2), Лилиќ (2), Живиќ (1), Живковиќ (2), Николиќ (2), Пејиќ (1), Танчиќ (1) Анѓелкови (1), Стаменковиќ (1) и Станковиќ (1).
Втора група на родови се доселеници кои потекнувале од Кривопаланечкиот срез, кој еден дел се наоѓал во Србија. Тоа биле родовите: Величковиќ (4), Јованови (3), Стојкови (3), Додиќ (2), Јовановци (2), Миљкови (3), Митревци(2), Младенови (2), Ќиревци (2), Тасини (2), Стојчеви (2), Илиевци (1), Ѓоршиновци (2), Давидовски (1), Антини (1), Анеѓелкови (2), Маџеви (1), Недељкови (1), Тасини (1), Трајковци (1) и Стошини (1).
Останати доселени родови се: Стојкови (2), се доселиле од Трговиште во Горна Пчиња и Момиќи (2), се доселиле од Босна.
Од претходниот текст мислиме дека доволно допринесовме за запознавање на колонизацијата на српското население во Кумановскиот крај. На територијата на Р. Македонија, највеќе колонии до 08.06.1940 година имало во Скопската околија со 39 колонии и 659 семејства, додека најмалку во Охридската околија со 1 колонистичка населба и 12 семејства. Додека бројот на српските колонисти на територија на цела Македонија до 1940 година би можело да има до 40.000 колонисти.
Литература:
П. Слијепчевић – Колонизација у Јужној Србији, „Нова Европа“, XVIII, бр. 3 и 4, Загреб, 1928.
А. Апостолов – Колонизацијата на Македонија во стара Југославија, „Култура“, Скопје, 1966.
Ј.Ф. Трифуноски – Колонистичка насеља у околини Куманова, Лесковачки зборник, књ. VIII, Лесковац, 1968
Ј.Ф. Трифуноски – Међуратна колонизација Срба у Македонији, Научна монографија, Београд, 1991.