Мени

Кумановскиот џез фестивал е посветен на загинатите во пожарот во Кочани и музичарот Филип Стевановски

13.10.2025 20:40 | KumanovoNews

На 14 и 15 октомври ќе одржи традиционалниот Џез фестивал Куманово 2025, кој оваа година ќе биде посветен на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, меѓу кои и кумановскиот музичар и организатор на фестивалот Филип Стевановски.

Кумановскиот џез фестивал е посветен на загинатите во пожарот во Кочани и музичарот Филип Стевановски

Мотото на фестивалот ќе биде „Музика за Филип – поддршка за Кочани“. Во пожарот во кочанската дива дискотека „Пулс“ на 16 март загинаа 62 главно млади луѓе, а над 200 се повредени.

Првата вечер ќе бидат промовирани монографија и краткометражен документарен филм, за животот и делото на Филип.

„Таа вечер ќе биде исполнета со љубов, емоции и искрена почит. Фестивалот од наредната година ќе биде преименуван во „Џез фестивал Филип Стевановски“. Филип беше извонреден уметник, врвен тромбонист, пијанист, композитор, аранжер, продуцент и професор. Неговиот звук остана да живее и да не обединува. Неговите колеги и пријатели ќе ја изведат неговата авторска музика “, велат организаторите.

Втората вечер, 15 октомври, ќе настапат три џез музички состави и тоа: „Фиш ин оил“ од Србија, „3Д Проект“ и „Оливер Дуев трио“ од Македонија.

„Двете вечери имаат една заедничка мисија, а тоа е поддршка и хуманост на семејствата на починатите во дискотеката ‘Пулс’ во Кочани. Секое присуство е поддршка, а хуманоста е сила што нè обединува“, додаваат организаторите.

Џез фестивалот ќе се оддржи во Занаетчиски дом Куманово со почеток 20 часот.