Академија Осогово е државен првак во фудбал во категоријата пионери
Академија Осогово од Крива Паланка го освои златото во Третата пионерска лига на Македонија, триумфирајќи во финалниот натпревар против Куманово Милано со минимални 1:0.

Херој на натпреварот беше Марио Младеновски, чиј погодок ја донесе победата и шампионската титула за младите паланчани.
Клубот претходно ја освои и Третата пионерска А-лига, завршувајќи на првото место со 45 бодови. Иако ист број бодови освои и Вардар Неготино, Академија Осогово го обезбеди врвот благодарение на подобриот меѓусебен скор.
Под водство на младиот тренер Михаил Павловски, тимот се истакна со најдобра одбрана во лигата — примени само 25 голови — и трет најдобар напад со вкупно 61 постигнат погодок. Најдобар стрелец на екипата е Михаил Гоговски со 19 голови, со што го зазеде третото место на листата на стрелци, зад Петар Смилков (Вардар Неготино – 40 гола) и Боан Колишев (Слога Виница – 21 гол).
Во големото финале за апсолутен шампион на Третата пионерска лига, Академија Осогово се соочи со победникот на Б-лигата, Куманово Милано. И покрај силната борба на теренот, минималниот резултат им припадна на фудбалерите од Крива Паланка.
Младите шампиони ги прими градоначалникот Сашко Митовски, кој им ја честиташе победата, и порача дека ова не е само победа во спортот – туку и за општината и за иднината на македонскиот фудбал.
Никола Митовски
Фото: Фејсбук