„Башкими“ се пласираше во Првата македонска фудбалска лига
Тимот на Фудбалскиот клуб „Башкими 1947“ се пласираше во Првата македонска фудбалска по победата над екипата на „Беса“ со 2:0, на градскиот стадион во Кавадарци.

Со ова Куманово по 16 години повторно добива прволигашка фудбалска екипа.
„Задоволни и пресреќни сме за пласманот во првата лига, но сакаме да честитаме и на градот Куманово и на сите навивачи кои не бодрат и навиваат за нас. Не очекува многу работа, целта ни е да се избориме за настап на меѓународната сцена, затоа ќе работиме на зајакнување на играчкиот потенцијал со млади, талентирани играчи. Очекуваме поголема поддршка од Oпштината и градоначалникот, кои и досега помагаа со обезбедување на логистичка помош“, истакна Бурак Хида, престедател на клубот.
Стрелци на головите беа Хебиб Саити во 37 минута и Филип Алексовски во 80 минута од натпреварот. Тимот на Беса имаше шанса за водство уште во првите 5 минути од натпреварот, но иако играчот Џемаил Есати беше сам пред голот, не успеа да реализира.
И покрај одземените 3 бода, по поништување на мечот против Кожув во Гевгелија, сепак кумановските фудбалери успеаја во следните два натпревари да триумфираат и да се изборат за влез во елитното друштво.
ФК „Башкими 1947“ во најсилната државна лига настапувал во сезоната 2008/2009, но тогаш се откажал поради финсиски проблеми на клубот.
Освен екипата на Башкими, за влез во првата лига се изборија и „Македонија Ѓроче Петров“ и „Арсими“.
(Фото: Open TV)