Околу 500 ученици учествуваа на уличната трка по повод Денот на градот
На традиционалната улична трка, која се одржа денеска во центарот на градот, учествуваа близу 550 ученици од сите основни и средни училишта, а организатор е Општинскиот сојуз на училишен спорт Куманово (ОСУСК).

„Ова е најмасовна трка која ја организираше сојузот, имавме близу 550 натпреварувачи, и задоволни сме од одѕивот што го имавме кај нашите ученици“, истакна Марјан Нојковски, претседател на ОСУСК.
Со овој настан започнаа манифестациите и настаните со кои се одбележува 80- годишнината од ослободувањето на Куманово.
За основците се трчаше за секое одделение посебно, од второ до девето, во машка и женска категорија, па најбројните натпреварувачи имаа и најмногу победници- 48 од нив.
Во категоријата на средношколци од 1 до 4 година во женска конкуренција победи Михаела Домазетовиќ, второ место Дора Димовска и трето место Лина Аневска, сите ученички на Гимназијата Гоце Делчев. Кај машките натпреварувачи најуспешен беше гимназијалецот Михаил Стошевски, второто место му припадна на Марио Пешевски од техничкото „Наце Буѓони“ и третото место на Немања Додевски од Регионалниот центар „Киро Бурназ“.
За најмалите натпреварувачи беа обезбедени медали и дипломи, додека средношколците добија и маица со логото на сојузот.
ОСУСК во рамките на ноемвриските денови организира и турнир во шах, на 9 ноември со почеток во 10 часот во економското „Перо Наков“ и турнирот во мал фудбал за Пехар на градоначалникот, кој ќе се игра на празничниот 11 ноември со почеток во 13 часот, во истата сала.