Мени

600.000 евра ќе чини реконструкцијата на Градската капела во Куманово

19.08.2026 11:21 | Сузана Николиќ

Министертството за транспорт и врски одобри 36 милиони денари, или околу 600.000 евра за  реконструкција на Градската капела на православните гробишта во Куманово.

600.000 евра ќе чини реконструкцијата на Градската капела во Куманово

Со проектот е предвидена целосна реконструкција на објектот, како и партерно уредување на просторот околу него. 

„Ова е проект со кој Општина Куманово аплицираше директно до Министерството за транспорт и врски, во вредност од 36 милиони денари. Сакам да му се заблагодарам на министерот Александар Николовски, кој го прифати проектот, а потоа беше потврден и од Владата. Изберен е изведувач и веќе се работи на терен.  Верувам дека работите ќе бидат завршени во предвидениот рок“, кажа градоначалникот Максим Димитриевски, кој минатата недела  беше на градилиштето.
 
Градежните работи започнаа на почетокот на август, а ќе се изведуваат во две фази.

„Најпрво ќе се реконструира кровот, а потоа ќе се работи на фасадата, водоводната и електричната инсталација, внатрешноста на просториите,  како и на санитарните јазли“, изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Сашо Томиќ.

Изведувач на работите е фирмата „Виа“ ДОО Вевчани, надзорот го врши фирмата  „Евро Констатинг“ ДОО Скопје, а проектот го израби ЈП „Куманово-план“.

Додека трае реконструкцијата, надлежните ги повикуваат граѓаните да ги почитуваат поставените ознаки и упатства, и да се движат внимателно во зоната каде што ќе се работи.