80 години Гимназија „Гоце Делчев“ – одбележан јубилејот и делото на револуционерот
Гимназијата „Гоце Делчев“ денеска одбележа 80 години постоење и 123 години од смртта на својот патрон, големиот идеолог и револуционер Гоце Делчев.
Училиштето го добило неговото име во февруари 1945 година, а во учебната 1945/46 започнала наставата за првата генерација ученици.
Директорката Марија Тодоровска изјави дека одбележувањето на големиот јубилеј започнало уште во септември, со организација на повеќе настани и проекти, за денес да биде заокружено со изложба и свечена академија.
„Денеска е голем ден за нашето училиште – го одбележуваме патрониот празник и јубилејот од 80 успешни генерации кои завршиле во ова училиште. Со децении наназад важиме за едно од најдобрите училишта во државата, а во последните години можеме да се пофалиме и со одличен успех – просекот изнесува 4,53. Учениците кои се запишуваат кај нас се навистина квалитетни, горди сме на нивните постигнувања. Редовно учествуваат и се пласираат на државни, олимписки и меѓународни натпревари, каде освојуваат награди“, истакна Тодоровска.
Во ноември беше одбележан и јубилејот – 25 години од воведувањето на билингвалната француска паралелка, а беше организиран и велигденски концерт во црквата „Свети Никола“.
Пред бистата на Гоце Делчев, цвеќе положија делегации од училиштето, локалната самоуправа, граѓански здруженија, политички партии и граѓани.
Гоце Делчев е една од најзначајните личности во македонската историја, идеолог и организатор на револуционерното движење за ослободување на Македонија од османлиската власт. Роден во 1872 година во Кукуш, тој бил меѓу клучните водачи на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), залагајќи се за автономија на Македонија и еднаквост меѓу сите народи што живеат на овие простори. Неговата визија за слободно и праведно општество и денес претставува инспирација за многу генерации.
Делчев загинал на 4 мај 1903 година во селото Баница, само неколку месеци пред Илинденското востание. Неговото дело и идеали остануваат трајно врежани во колективната меморија, а неговото име го носат бројни институции, училишта и улици низ земјата.