Мени

Авто-пазар ќе се отвори на местото на добиточниот во Долно Којнаре

22.01.2026 13:54 | Сузана Николиќ

ЈП „Пазариште“ ќе отвори авто-пазар на локацијата на добиточниот пазар во Долно Коњаре. Пазарот ќе работи во сабота, а капацитетот ќе изнесува од 200 до 300 возила.

Авто-пазар ќе се отвори на местото на добиточниот во Долно Којнаре

„Бидејќи добиточниот пазар не функционира, просторот е адаптиран, асфалтиран и исцртан за потребите на новиот пазар. Како најголема општина во регионот, имаме потреба од ваква услуга. Располагаме со човечки капацитети и без големи вложувања ќе можеме да им ја пружиме оваа услуга на граѓаните. Со тоа ќе се подобри и финансиската состојба на претпријатието“, изјави в.д. директорот Суад Зејнулахи.

Тој додаде дека постои интерес и од сопственици на приватни плацеви, кои за време на викендите би ги продавале автомобилите на новиот авто-пазар, како и од граѓаните кои сакаат да посетуваат вакви пазари.

Цените на услугите ќе зависат од големината и видот на возилата: за електричен тротинет 100 денари, за мотоцикли 150 денари, за електрични автомобили 150 денари, за автомобили, приколки и трактори 300 денари, за комбиња 350 денари, а за камиони 400 денари. Доколку се остави возилото на паркингот за дневно паркирање ќе се наплатува 150 денари.

Советникот Благојче Јакимовиќ ја поздрави одлуката и истакна дека со неа ќе се отстранат возилата кои моментално се продаваат на улицата „Октомвриска револуција“, но побара цените да се прилагодат и на месечно ниво, со цел да се зголеми интересот кај граѓаните.

Советникот Тони Димитриевски побара да се отвори и квантен пазар, со што би се вовел ред во дивото продавање на зеленчук и овошје од камиони по улиците на градот.

Советниците побара да се обезбеди и паркинг простор за да не се создава метеж во населбата.