Мени

Британскиот диџеј Џејмс Забиела ѕвезда на фестивалот „Пикник у Пелинце“

19.06.2026 11:02 | KumanovoNews

Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, утре и задутре (20 и 21 јуни), ќе се одржи шестото издание на фестивалот „Пикник у Пелинце“.

Британскиот диџеј Џејмс Забиела ѕвезда на фестивалот „Пикник у Пелинце“

Годинашното издание ќе понуди богата музичка програма на две сцени, а главна ѕвезда ќе биде светски познатиот британски диџеј и продуцент Џејмс Забиела.

„Пред публиката ќе настапат и бројни домашни и регионални артисти. Покрај музичката програма, фестивалот ќе понуди разновидни содржини наменети за сите генерации. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во чил-зона со лејзи-бегови и хамоци, камп-зона, друштвени игри, спортски активности, коктел-барови и богата гастрономска понуда“, велат организаторите.

И оваа година посебен акцент е ставен на најмладите посетители преку Кидс-зоната, каде што ќе се организираат едукативни, креативни и сензорни работилници, како и интерактивни игри и активности со цел поттикнување на учењето, дружењето и развојот на детската креативност во безбедна и забавна средина.

Фестивалот е во организација на здружението „Мјузик Конектинг Пипл“ од Куманово.

„Пикник у Пелинце“ е една од најпосетените летни манифестации во Североисточниот регион. Во изминатите години секој фестивал го посетиле меѓу 2.000 и 4.000 посетители од Македонија и соседните земји.