Мени

Децата не биле „принудени“ да пеат песна за Димитриевски, реагира ЗНАМ

07.04.2026 09:13 | KumanovoNews

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија ги отфрла како невистинити и злонамерни обвинувањата на СДСМ дека децата биле „принудени“ да пеат песна од изборна кампања.

Децата не биле „принудени“ да пеат песна за Димитриевски, реагира ЗНАМ

„Ваквото тврдење е брутална лага и свесна манипулација со која СДСМ се обидува да создаде скандал таму каде што не постои. Во конкретниот случај, во ОУ „Кочо Рацин“ во Куманово, немало никаква злоупотреба на деца, ниту принуда, ниту политичка активност, ниту каков било организиран партиски ангажман. Станува збор за хуманитарен настан организиран од Советот на родители при училиштето, со благородна цел – помош таму каде што е потребно“, реагираат од ЗНАМ.

Оттаму додаваат дека песната е авторска, а не изборна, а уметниците имаат слободен стил на изразување, што, според нив, дополнително ги демантира обвинувањата и обидите за политизација на настанот. 

„Овие конструкции на СДСМ се очаен обид за политичка дискредитација и дефокус од нивната неспособност да понудат каква било визија. СДСМ, партија која со години ја злоупотребуваше секоја институција и секој јавен настан за свои партиски цели, денес држи лекции за наводни злоупотреби. Тоа е врв на лицемерие“, соопшти ЗНАМ.

Целата организација е на родителите во соработка со естрадни уметници, водители, ди-џеи и аниматори кои на свој слободен стил се изразуваат.