Мени

До темел изгоре куќата на семејството Стефановски – апел за помош од хуманите граѓани и компании

24.12.2025 11:33 | Сузана Николиќ

Семејството Стефановски остана без кров над главата откако во голем пожар до темел изгоре нивната куќа во месноста Краста, во кумановско.

До темел изгоре куќата на семејството Стефановски – апел за помош од хуманите граѓани и компании

Пожарот настанал од запалена греалка и за кратко време се проширил низ целиот објект.

Според сопственикот Момчило Стефановски, причинета е материјална штета од околу 10.000 евра, а уништена е целата покуќнина и сѐ што семејството со години го стекнувало.

„Останавме без мебел, купатило, бела техника, облека, храна… Повеќе немаме ништо. Голи и боси сме на улица, среде зима“, вели разочарано Момчило.

Во семејството работи единствено тој, додека сопругата се грижи за нивното деветгодишно дете со посебни потреби. Поради тешката состојба, семејството упатува апел до сите хумани граѓани и компании да им помогнат во обновата на домот.

„Најмногу ми е потребен градежен материјал, а потоа и сѐ друго. Се надевам на поддршка од моите сограѓани, бидејќи и јас секогаш помагам со мојата работа во најтешките моменти“, додава Момчило, познат како В`шка, кој работи во погребално претпријатие.

Кога избувнал пожарот, тој и сопругата се обиделе да го изгаснат, при што се задушиле од чад и биле пренесени во болница. Момчило тврди дека доколку интервенцијата на противпожарната служба не доцнела, штетата можела да биде помала и дел од работите ќе се спаселе.

Од СВР Куманово потврдија дека на 20 декември во 20:10 часот било пријавено дека во месноста „Краста“, кумановско, настанал пожар во семејна куќа. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Куманово, а повредени лица нема. Увид извршила екипа на СВР Куманово.

Сите кои сакаат да помогнат можат да се јават на телефонскиот број: 078/565-676.

Жиро-сметка: 5352395412403161
Име: Стефановски Момчило
Шпаркасе банка