Илиќ: Мнозинството во Советот усвои енергетски план препишан од друга општина, со сериозни сомнежи за судир на интереси
Советот на Општина Куманово на последната седница усвои Општински енергетски план кој, според тврдењата на опозицијата, е преземен од друга општина и не ја отсликува реалната состојба во Куманово, а постојат и сериозни сомнежи за судир на интереси.
На денешната прес-конференција координаторот на советничката група на СДСМ, Томица Илиќ, кажа дека станува збор за документ кој првично бил изработен за друга општина, а во Куманово бил доставен со минимални измени, главно со промена на името на општината.
„Точката беше предложена на самата седница, а материјалите ги добивме помалку од 24 часа пред почетокот. Образложеното беше дека документот мора итно да се донесе поради усогласување со Националниот план за енергија и клима, со рок до 26 јануари 2026 година. Но, содржината не одговара на реалните потреби и состојби во Општина Куманово“, рече Илиќ.
Според него, во документот има сериозни пропусти и нелогичности. Како пример, во делот „Насоки, цели и приоритети“ се наведува дека предложените стратешки цели се соодветни за рурална општина, иако Куманово не е рурална средина. Дополнително, како долгорочна стратешка цел се наведува воведување ЛЕД-осветлување, процес кој, како што потсети Илиќ, е завршен уште во 2019 година преку јавно-приватно партнерство.
„Во планот се препорачува замена на печки на фосилни горива и дрва со топлински пумпи на електрична енергија од обновливи извори, но никаде не се споменува гасификацијата, иако најголем дел од јавните објекти во Куманово веќе се гасифицирани. Се поставува прашањето дали со овој план општината планира целосно да го напушти гасот како енергенс“, нагласи Илиќ.
Во делот за план на мерки и активности за 2026 година се предвидува замена на неефикасни светилки со ЛЕД, иако тој процес е веќе реализиран, а приватниот партнер имал обврска по шест години повторно да изврши замена. Според Илиќ, останува нејасно дали оваа обврска е исполнета или со новиот план се навлегува во надлежности на приватен субјект.
Тој укажа и на контрадикторности во делот за интегрирано планирање на енергетските капацитети, каде на повеќе страници се разработува можноста за гасификација на Куманово, иако ЈП „Куманово Гас“ постои уште од 2006 година. Во документот се наведуваат и месни заедници како кавадаречките Каратманово, Дорфулија, Милино и Сарамзалино, кои не припаѓаат на Општина Куманово.
„Дури во прилогот на крајот од документот, конечно се зборува конкретно за Куманово, каде се наведени 45 иницијативи за енергетскиот план за 2026 година. За дури 18 од нив се јавува иста фирма“, рече Илиќ.
Тој посочи дека како директор и сопственик на таа фирма се јавува лице со презиме Митевски, за кое, како што рече, јавноста веќе има сознанија поврзани со продажба на земјиште на компанијата „Лидл“, а кое било идентификувано како роднина на актуелниот градоначалник и брат на советникот Дарко Митевски.
„Јавно прашувам дали лицето кое е директор на фирма со 18 иницијативи во енергетскиот план е брат на мојот колега советник Дарко Митевски и дали токму поради тоа, на почетокот на седницата, тој како координатор на советниците од ЗНАМ предложи ограничување на дискусиите. Дали истиот советник гласаше за оваа точка? Дали претседателката на Советот ги знаеше овие информации и поради тоа го одби мојот предлог точката да се повлече од дневниот ред и ја стави на гласање? Дали свесно се создаде инцидентна атмосфера на почетокот на седницата, со цел да се избегне расправа за проблемите на нашите сограѓани поврзани со даночните решенија, за да се обезбеди поддршка од советниците на ВМРО-ДПМНЕ за оваа точка? И дали советниците од другите советнички групи од владејачкото мнозинство беа запознаени со овие информации?“, праша Илиќ.
Тој денеска изјави и дека претседателката на Советот го прекршила и злоупотребила Деловникот за работа, дозволувајќи му на градоначалникот да го информира Советот за средбата на печалбарите со премиерот, иако, тоа не било предвидено со дневниот ред.