Мени

Избран сувенир на Куманово за оваа година

13.03.2026 11:13 | KumanovoNews

Делото „Куманово – град на традицијата и единство“ на авторот Стојан Трајковиќ, е избрано за сувенир на Општина Куманово за 2026 година. 

Избран сувенир на Куманово за оваа година

Избраниот сувенир е прилагоден за масовно производство, со цел да се користи за промоција на нашиот град.

„На претходно објавениот конкурс за избор на сувенир на Општина Куманово за 2026 година, учествуваа девет автори со свои креации, во кои беа содржани елементи на препознатливост, отсликување на традицијата и културно – историските, духовни, материјални и природни богатства на Куманово“, соопшти Општина Куманово.

Наградата за сувенир на градот изнесува 100.000 денари и поделена е во два дела. Авторот за идејата и вложениот труд се наградува со 30.000 денари, а останатите 70.000 денари се наменети за производство на одредена количина на сувенирот, односно одреден број на предмети по барање на Општина Куманово.

Материјалот на изработка мора да е стабилен и еколошки прифатлив- керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс, текстил итн. Предложеното идејно решение мора да е прилагодено за масовно производство. 

„Ова е традиционален начин со кој Општината поддржува идеи и автентични трудови за креирање на производ кој ќе го отсликува карактеристиките на градот, а е изработен од занаетчии, академски или наивни уметници и ракотворци“, стоеше во соопштението.

 Конкурсот беше распишан на 5 декември 2025 година.