Изложба на уметничка фотографија на Виктор Трајковски во Куманово
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово утре /четврток/ во 20 часот ќе биде отворена првата самостојна изложба на уметничка фотографија на Виктор Трајковски.

Изложбата е насловена „Уличен живот“, и претставува колекција од фотографии кои авторот ги изработил на своите патувања низ Холандија, Белгија, Франицја, Италија, Словенија, Турција, Јапонија, Германија, Австрија, Хрватска и Македонија.
„Овие фотографии не се само начин на уметничко изразување на Трајковски, туку претставуваат патопис, тие се сведоци и чуватели на културата и луѓето кои во себе ја носат, претставуваат и пренесуваат истата. Оваа изложба ја слави убавината на несценираното - каде што сенките танцуваат на тротоарот, странците стануваат тивки протагонисти, а секоја слика раскажува приказна за животот онака како што се случува“, велат од Фото клуб „Куманово“.
Тие ги покануваат сите љубители на уметничката фотографија и културата да дојдат на отворањето на изложбата, која ќе биде инспиративна вечер исполнета со привлечни визуелни елементи, интересни разговори и прослава на уличната култура низ објективот на фотографот.