Концерт на флејта на Стана Крстајиќ вечерва во Куманово
Српската уметница м-р Стана Крстајиќ вечерва со почеток од 19 часот ќе одржи концерт на соло флејта во просториите на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ во Куманово.
Концертот, насловен „Соништа“, е дел од циклусот „Средба со уметникот м-р Стана Крстајиќ“ и претставува музичко-поетска вечер посветена на дела од српски композитори за соло флејта.
На програмата се композициите: Мирослав Штаткиќ – „Имиџ... Пол Сезан“, Милош Раичковиќ – „Линеа“, Ана Крстајиќ – „Даљина иза Торника“, Петар Коњовиќ – „Сатирската виолина“, Златан Вауда – „Дјуолоамрестата“, Душан Богдановиќ – „Полилог“ (Монолог, Дијалог, Полилог) и Драгана Јовановиќ – „Минутеса“.
Стана Крстајиќ е вонреден професор на дрвени дувачки инструменти – компаративни предмети. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во класата на проф. М. Азањац, а магистрирала на Музичката академија во Минхен, во класата на проф. М. Хенкел-Адорјан.
Организатор на концертот е Српскиот културно-информативен центар „Спона“.