Кумановци дебатираа за економските мигранти и бегалците
Кумановци синоќа дебатираа за тоа кои се економските мигранти, а кои се бегалци на трибината „Куманово-Авганистан-Куманово“, организирана од левичарското движење Солидарност во нашиот град.

Целта е да се спречи сегрегација кон бегалците и да се потсети дека голем број кумановци беа на печалба во Авганистан, а воедно многу Македонци се распрскани насекаде низ светот во потрага по подобар живот што ги прави економски мигранти.
Ќе говориме што се случува на Табановце, каков е третманот таму и што всушност прави Македонија. Сакаме да отвориме дискусија бидејќи во Македонија за овие теми не се зборува, особено бегалската криза има многу позадини за кои што јавноста не се информира. Затоа сме тука, ќе правиме уште седум работилници во Македонија. Неправедно тие луѓе се третираат како нелуѓе - изјави Кирил Минанов, член на „Солидарност“.
Пред присутните говореше Ана Пејчинова, која во Авганистан била од 2004 година до лани, првин како офицер преку Обединети нации, а потоа работела на проекти на УСАИД. Таа ја запознала земјата и народот, нивната култура.
Толку ме фасцинира тоа дури се вратив потоа да магистрирам на политички науки со тема за Авганистан. Ги истражував нивните обичајни закони, нивната историја, култура. Тоа е темата на оваа работилница, да ги запознаеме тие бегалци, кои се, од каде доаѓаат, што загубиле, што оставиле зад себе? За жал дел учествувале во тие војни, дали биле жртви, колку долго учествувале. Кога зборуваме за Авганистан, зборуваме за војна која трае три децении, зборуваме за генерации кои се родени во војна, семејства во кои пола пола членови изгинале - рече Пејчинова.
На трибината учествуваше и нашата сограѓанка Маре Бојковска која три години била во Авганистан, а сега е активна на терен и им помага на бегалците. Работилници за бегалците на различни теми ќе бидат организирани од „Солидарност“ во седум градови во Македонија.