Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Меланија Додевска, матурантка од средното техничко училиште „Наце Буѓони“, го освои првото место за свој оригинален изум на 16. Меѓународен фестивал за работа на технички и стручни училишта, кој се одржа во Цазин, Босна и Херцеговина.
На фестивалот учествуваа училишта од Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ и други земји од регионот.
Изумот на Меланија е иновативен роботски систем кој сортира пилули и таблети по боја и ги транспортира. Проектот припаѓа на електротехничката струка, од областа на роботиката.
„Го тестираа на лице место. Никој немаше изработено нешто слично – беше единствен изум од ваков тип. Поради неговата комплексност, ми требаше речиси една година за изработка. Започнав во трета година, а го презентирав во четврта“, објаснува Меланија.
Проектот може да има широка примена- во индустријата лекарствата се сортираат со истата машина која ги произведува и потоа ги транспортира, со што се добива помала потрошувачка на енергија и автоматски поекономичен процес, со помала потрoшувачка на енергија. Во здравствените установи може да асистира на медицинскиот персонал во подготовка и дистрибуција на терапија, или во аптеките каде може да функционира како паметен, роботизиран шкаф што штеди простор и автоматски сортира лекарства според боја или големина на пакување.
„Можно е на роботот да се вгради и LCD монитор – функционира слично на вендинг машина. Засега не постои ваков уред во светот“, додава младата иноваторка.
Проектот е реализиран под менторство на професорката Марија Спасиќ, а патувањето било организирано од Пере Митрев, директор на Народна техника на Македонија.
Меланија е ученичка во четврта година, насока компјутерска техника и автоматика, и планира студии на ФЕИТ во Скопје. Ја интересираат програмирање и роботика, но сè уште не одлучила во која насока конкретно ќе се насочи. Освен технологијата, има талент и за уметноста, има освоено второ место на ликовен конкурс во училиштето, како и учество на други натпревари по цртање.
Фестивалот во Цазин е значаен настан што собира средношколци од над 50 професионални дисциплини, како металопреработувачка, електротехника, градежништво, угостителство и туризам, информатика, текстил, прехранбена технологија и други. Учениците се натпреваруваат, презентираат проекти, разменуваат искуства и градат пријателства.
Од Македонија, покрај Меланија, на фестивалот учествуваа и ученици од Велес и Скопје.
Додевска од областа на роботиката има освоено второ место на Државен натпревар на млади истражувачи во Македонија, како и други награди и признанија.