×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановската болница наскоро ќе добие мамограф, најави министерот за здравство Сали

    28.06.2022 17:56 | Сузана Николиќ

    Општата болница во Куманово за 4 месеци ќе добие мамограф, најави министерот за здравство Беким Сали при денешната посета. 

    Кумановската болница наскоро ќе добие мамограф, најави министерот за здравство Сали

    Тој вели дека постапката за набавка на скапиот апарат е во тек, а средствата се обебедени преку проект на Светската банка. Јавното здравство во Куманово повеќе од 4,5 години нема мамограф. Стариот апарат, кој беше донација, се расипа уште во октомври 2017, па оттогаш пациентите можат да се прегледаат само на ехо, а за мамограф плаќаат приватно или одат во околните градови и Скопје.

    „За околу 4 месеци очекуваме мамограф и друга апаратура да биде инсталирана во Општа болница Куманово. Тоа е гарант така, затоа што финансиите се обезбедени претходно од Светската банка и сега сме веќе во фаза на завршување на списокот која јавна здравствена установа каква потреба има и што е за итна интервенција. Така што, мамографот е предвиден за во Куманово“, изјави Сали.

    Во овие 4 години, министерот за здравство Венко Филипче при секоја посета на градот цврсто ветуваше дека мамографот ќе се купи најбрзо што може, и дека истовремено ќе се направи набавка за сите региони, но Куманово извиси.

    Директорката на Кумановската болница д-р Снежана Захариева вели дека мамографот е реална потреба за нивната здравствена институција заради навремен скрининг и дијагностика на жените од регионот. Болницата нема пари сама да го купи и мора да чека тоа да го стори државата. Од почетокот на мандатот на новиот министер поднела две барања за набавка на мамографот.

    „Последното беше на почетокот на овој месец, и се надевам дека конечно ќе добиеме апарат. Имаме просторни услови и кадровски потенцијал веднаш да започнеме со работа. Болеста карцином на дојка е прилично раширена и треба навремено да се дијагностицира. Старосната граница на заболените се поместува. Не сите пациенти имаат можност да плаќаат приватно или да се малтретираат по другите градови за преглед“, кажа Захариева.

    Ренгенолозите велат дека за нив е несфатливо како државата со години не може да обезбеди мамограф за една од најголемите регионални здравствена установа која покрива 10 отсто од вкупната популација во државата. Со тоа се намалува квалитетот на услугата и се губи довербата во јавното здравство, бидејќи болните наместо на мамограф им прават преглед на ехо апарат.

    Општата болница во Куманово е регионален центар и го покрива Североисточниот регион со околу 200.000 жители. Таа не го добива третманот кој го заслужува, а во ковид кризата беше ковид-центар со најголем број на пациенти после Скопје.