Кумановските пожарникари лани интервенирале на 665 пожари
Територијалната противпожарна единица Куманово минатата година имала 665 интервенции на пожари во општините Куманово и Липково.
Најголем број од нив – 375 – биле пожари на отворен простор, најчесто во летните месеци.
„Од вкупниот број пожари, 140 се интервенции на запалени објекти, 25 на запалени сообраќајни возила, а 375 се пожари на отворен простор. Само во јули имало дури 140 пожари. Во групата „останати“ евидентирани се 120 интервенции. На овие бројки се надоврзуваат и 41 техничка интервенција – при сообраќајни незгоди, испумпување вода, отворање заклучени објекти, спасување лица од височина или извлекување од длабочина, како и обезбедување и санирање состојби по несреќи“, изјави Борис Станковски, заменик-командир на ТППЕ, на денешната седница на Совет кога го презентираше извештајот за работа.
Станковски најави дека во 2026 година акцент ќе биде ставен на формирање доброволни противпожарни друштва во околните села. Планирани се и обуки за граѓани кои ќе помагаат во критични моменти во своите населби. Во план е и санација на објектот во кој е сместена Противпожарната единица во Куманово.