Мени

Кумановско културно лето - пет фестивали за шест дена на Градскиот плоштад

18.08.2026 18:27 | Сузана Николиќ

Во рамките на програмата на „Кумановско културно лето“, од утре до понеделник, на Градскиот плоштад во Куманово ќе се одржат традиционалните музички манифестации „Рома Труба Фест“, Тамбурашкиот фестивал, „Тумба фест“, „Епикум“ и „Тумбсток“.

 

Кумановско културно лето - пет фестивали за шест дена на Градскиот плоштад

Фестивалите ги организираат Фондацијата за култура и спорт во соработка со невладини организации, и финансиска поддршка од Општина Куманово и Министерството за култура.

Директорката на Фондацијата за култура и спорт, Сања Давидовиќ, денеска на прес-конференција најави дека публиката во текот на шест дена ќе има можност да проследи различни музички жанрови – од рок и хеви-метал, преку тамбурашки и трубачки оркестри, до современа урбана и фолк музика.

„Имаме понуда за сечиј вкус, сите фестивали се различни. Веќе се познати на нашите сограѓани, бидејќи се одржуваат со години наназад, и затоа секој може да си одбере што му се допаѓа и да дојде да ужива. Верувам дека ќе имаме голема посетеност, на задоволство на изведувачите и на организаторите“, кажа Давидовиќ.

Фестивалската недела утре во 20 часот ќе ја отвори фестивалот на епска песна „Епикум“. Организаторот Бесим Мифтари најави дека ќе настапат музичари од Македонија, Албанија и Косово, придружувани од професионален бенд, а настанот ќе биде збогатен и со присуство на моторџии од соседните држави.

„Продолжуваме трета година по ред со рок песни и хеви-метал. Очекуваме бројна публика и одлична журка. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во музиката на DJ Miss Rose, Le 1 Kafexhiu, BB Poqi, Ерина Сеитлари од Тирана, Филонид Алиу и Шпенд Љатифи од Куманово“, кажа Мифтари.

Меѓународниот тамбурашки фестивал ќе се одржи во четврток по 22. пат, а ќе настапат повеќе домашни и регионални пејачи и оркестри.

„Фестивалот ќе го отвори групата „Табиет“ од Свети Николе, а ќе настапат и Виктор Димитриевски, Боби Зафировски – Амадеус, Наум Петрески и Нино Величковски. Ќе продолжи Градскиот тамбурашки оркестар „Пљевља“ од Црна Гора со солистката Нина Стругар од Подгорица, а на крајот новосадскиот бенд „Ла Банда“, составен од осум девојки со богат музички репертоар“, кажа Нино Величковски.

Во петок и сабота, 21 и 22 август, следува традиционалниот „Рома Труба Фест“. Оваа година ќе гостуваат 10 оркестри од Македонија, Србија, Бугарија и Франција.

Првата вечер ќе настапат оркестрите „Кеми Асанов“ и „Кочани“ од Македонија, „Исидор Зечировиќ“ и Маријан Крстиќ од Србија и Панајот Кирилов од Бугарија. Специјален гостин ќе биде кумановецот Виктор Димитриевски, а од Франција ќе настапи оркестарот „Louis Brandalous“.

Втората вечер се предвидени настапите на Демир Кантуровски и Уска Кан Кантуровски Оркестар, Оркестар „Бобан“, Екрем Мамутовиќ и „Нови Надежи“ од Србија, како и Оркестарот на Давид Антиќ.

„Сите оркестри ќе изведуваат изворни ромски песни и ора. Се потрудивме и направивме одлучен избор. Сите оркестри се квалитетни, можеби оваа година е со најсилен состав, и верувам дека публиката тоа ќе го препознае. Оркестрите ќе имаат настап од по 25 минути, по слободен избор“, кажа Самет Салиевски, кој најави и изненадување на фестивалот со учество на српска ѕвезда.

Во недела, на програмата е фестивалот „Тумбсток“, на кој ќе настапат David Black, La Mqrio, Kane & Lazae, Luce, Dimsa, Double G Mafia, Kriss, Zaff, TZ, Ziro, Togzi, Batec G, Dina Ducevska, Edno Dete, Dame и Yungkilla CV, додека ѕвезда на вечерта ќе биде Тајзи.

Фестивалската недела во понеделник ќе ја затвор „Тумба фест“, кој се одржува по 14. пат.

„Годинава ќе бидат претставени 16 нови композиции, а гости на фестивалот се Ленче Кукуќ, Ташко Каранфиловски, Маријан Драгиќ и „Савршен дан“ од Србија, Матео Шваст од Германија, Василија Петрова, Јованка Јо и Круме Спасовски. Фестивалот ќе го затвори Нино Величковски. Оваа година ќе има многу квалитетни песни и очекуваме спектакуларна вечер“, кажа Драган Митевски.

Раководителот на Секторот за култура и спорт, Дејан Стојановски, ги повика кумановци да ги посетат настаните и најави дека Општина Куманово ќе продолжи да ги поддржува културните содржини во рамките на „Кумановско културно лето“.

За реализација на манифестациите Општина Куманово издвои 1.24 милиони денари и тоа за „Рома Труба Фест“ 500.000 денари,  Тамбурашкиот фестивал 450.000 денари, „Тумба фест“ 250.000 денари и „Епикум“ 40.000 денари, додека Министерството за култура ги поддржа „Рома Труба Фест“ со 300.000 денари и „Епикум“ со 200.000 денари.