На почетокот на второто полугодие – апел за зголемена безбедност на децата во сообраќајот
Со започнувањето на второто полугодие од учебната година, се зголемува присуството на деца како пешаци и учесници во сообраќајот, особено во зоните околу основните училишта и детските градинки.
Имајќи ја предвид нивната ранливост и ограничената способност за навремена проценка на сообраќајните ситуации, безбедноста на децата во сообраќајот претставува приоритет од највисок јавен интерес.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во периодот на зголемен сообраќаен интензитет, упатува апел до сите учесници во сообраќајот за строго почитување на сообраќајните правила и зголемена внимателност, особено во близина на училишта, пешачки премини и зони со смирен сообраќај.
Од Советот апелираат возачите да ја прилагодат брзината на движење, да внимаваат на можни ненадејни реакции на децата и да не паркираат возила на места со намалена прегледност. Родителите, пак, се повикуваат континуирано да разговараат со децата за безбедно однесување во сообраќајот и да бидат позитивен пример со сопственото однесување.
На децата им се упатуваат пораки улицата да ја поминуваат исклучиво на пешачки премини, внимателно да гледаат лево и десно, да не истрчуваат на коловоз и да не ја користат улицата за игра.
РСБСП потсетува дека непочитувањето на сообраќајните правила претставува сериозен ризик и може да има тешки последици. Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите, апелираат од РСБСП.
(фото.архива)