Над 35.000 денари се исплатени на граѓаните кои селектираат пластични шишиња од програмата за „Паметно управување со отпад од пакување“
Од почетокот на годината, на граѓаните на Куманово им се исплатени вкупно 35.751 денари за враќање на 71.502 отпадни ПЕТ шишиња и алуминиумски лименки преку вендинг машините поставени на неколку локации во градот.

Исплатата се врши преку општинската програма за „Паметно управување со отпад од пакување“, која предвидува субвенција од 0,5 денари за секој селектиран предмет.
„Во Куманово има 1.193 корисници на мобилната апликација на која се собираат зелени поени. Субвенциите се исплаќаат само на оние кои ги искористиле поените во малопродажните објекти. Можно е вратениот отпад да е и во поголема количина, но ако поените не се потрошени, не се исплаќаат средства“, објасни Александра Георгиевска Протиќ од Општинскиот оддел за животна средина.
Во градот моментално функционираат три вендинг машини, а четвртата се очекува да биде поставена до крајот на август. Со секое користење на машината, корисникот добива еден „зелен поен“ за секое вратено шише или лименка. Поените имаат вредност од 0,5 денари и може да се заменат за ваучери за купување.
Целта на проектот е да се поттикне граѓанската еко-свест и да се намали количеството на отпад во урбаните средини.
Овој пилот-проект првпат се спроведува во Куманово со поддршка на Швајцарската амбасада, во соработка со компанијата „Пакомак“ од Скопје. Вкупно се предвидени 500.000 денари за програмата – по 100.000 денари за секое собирно место. Средствата не може да се пренасочуваат меѓу локациите, и штом се исцрпат на одредено место, субвенционирањето ќе се прекине.
Првите повратни вендинг машини во градот се поставени во 2023 година, а според објавените податоци во период од 2 години соберени се 7.172 килограми отпад, или поточно 247.218 шишиња или лименки.
Општинските власти апелираат до сите граѓани да внимаваат каде го одложуваат отпадот и да бидат сигурни дека истиот ќе заврши на вистинско место.