Над 800 проекти од општините пристигнале на вториот владин повик
На вториот јавен повик од линијата за 250 милиони евра за капитални проекти во општините, пристигнале повеќе од 800 проекти.

„Најголемиот дел од проектите се во Министерството за транспорт, околу 600. Нешто повеќе од 120 беа во животна средина, генерално во двата повика се околу 1.200 проекти. Оваа поддршка е голем мотив и инспирација за општините и за градоначалниците да продолжат да испорачуваат за граѓаните и да го следат примерот на Владата“, кажа премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој дополни дека постои опасност од проблем со градежната оператива дали ќе може да одговори на сите проекти, поради што веќе одржале состанок со Стопанската комора и со Комората на градежници.
Општина Куманово на вториот повик аплицираше со 11 проекти, кои изнесуваат 814 милиони денари. Меѓу нив се градинката во Зелен рид, реконструкција на улицата „Индустриска“, изградба на гасоводна мрежа за Индустриската зона Карпош, реконструкција на дел од Домот за стари лица „Зафир Сајто“, изградба на нови улици и др.
На првиот повик беа одобрени проект за изградба на инфраструктура во Индустриската зона Речица, реконструкција и изградба на атмосферска канализација на улица Бајрам Шабани и проширување на гасоводната мрежа кон индустриките капацитети во Доброшане.