Мени

Нападнати пожарникари пред единицата во Куманово, приведени две лица

12.02.2026 12:40 | KumanovoNews

Пожарникари од Територијалната противпожарна единица во Куманово синоќа бил нападнати пред работните простории од две лица. Инцидентот се случил околу 17:45 часот.

Нападнати пожарникари пред единицата во Куманово, приведени две лица

„Приведени се  Љ.Г. (32) и Ф.С. (32), двајцата од Куманово. Тие се сомничат дека пред зградата на Територијалната противпожарна единица Куманово физички го нападнале С.С. (35) од Куманово, вработен во единицата. По целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави“, соопшти МВР.

За разлика од МВР, каде што се наведува дека бил нападнат еден пожарникар, од Синдикатот на пожарникарите на Македонија информираат дека нападот бил врз тројца нивни колеги.

„Нападот со тупаници и камења врз пожарникари-спасители пред самиот објект на единицата е недозволив чин на насилство врз луѓе кои се во служба на граѓаните. Нашите пораки се јасни – пожарникарите се службени лица и бараме од Министерството за внатрешни работи и Обвинителството итно да ги процесуираат напаѓачите пред Основниот суд Куманово. За напад врз овластено лице мора да има кривична одговорност. Пожарникарите заслужуваат почит и безбедност на своето работно место, а не физички напади“, стои во соопштението.

Со реакција излезе и градоначалникот Максим Димитриевски, кој оцени дека е недозволив напад врз службени лица при вршење на службената должност.

„Пожарникарите, како и сите лица кои се во служба на заштита на безбедноста на граѓаните, заслужуваат почит, а не физички напади. Апелирам надлежните институции итно да реагираат и да постапат согласно законот. Секој сторител на вакво дело треба да сноси одговорност. Посакувам побрзо опоравување и враќање на работните задачи на повредените лица“, се наведува во реакцијата.