Мени

Не работат семафорите на две раскрсници на „Трета МУБ“, граѓаните реагираат – надлежните најавуваат побрза поправка

17.02.2026 11:57 | Сузана Николиќ

Неколку дена не работат семафорите на двете најфреквентни раскрсници во градот – на булеварот „Трета МУБ“, на крстосниците со улиците „Народна револуција“ и „Перо Чичо“.

Не работат семафорите на две раскрсници на „Трета МУБ“, граѓаните реагираат – надлежните најавуваат побрза поправка

Граѓаните реагираат поради ваквата состојба и бараат да се воспостави ред во сообраќајот, бидејќи, како што велат, секое поминување низ раскрсниците е ризично.

Од Општина Куманово информираат дека дефектот настанал по сообраќајна несреќа.

„Се известуваат граѓаните на Општина Куманово дека поради настанат дефект при сообраќајна незгода и прекин на инсталацијата на уредот за светлосна сигнализација (семафор) на крстосницата на ул. „Трета МУБ“ со ул. „Народна револуција“ и на крстосницата на ул. „Трета МУБ“ со ул. „Перо Чичо“, уредите за светлосна сигнализација одреден временски период ќе бидат надвор од употреба. Надлежните служби преземаат соодветни мерки за побрзо санирање на настанатиот дефект“, стои во соопштението од Општината.

Оттаму ги повикуваат граѓаните да се придржуваат кон поставената вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација на споменатите крстосници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.

Куманово е еден од трите градови во државата каде што од 1 февруари започна проектот „Безбеден град“. Поставени се камери на повеќе локации во градот, кои треба да ги регистрираат сообраќајните прекршоци на возачите, по што тие ќе бидат санкционирани.

Но, наспроти ова, Куманово има нефункционална сообраќајна сигнализација,  семафорите се стари и почесто се расипани отколку што работат. Во касата на Општина Куманово за 2026 година не се предвидени средства за набавка на нови семафори, беше кажано на седницата на која се усвојуваше буџетот, туку е планирана санација на постојните.