Немаше предизборен договор ВМРО-ДПМНЕ да добие претседател на Советот, допрва ќе разговараме, вели Димитриевски
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, не открива кој ќе биде новиот претседател на Советот на Општина Куманово, туку вели дека одлуката ќе се донесе во наредните денови, а неговото име ќе биде познато на конституривната седница.
На новинарско прашање, дали ВМРО-ДПМНЕ ќе добие претседателско место во Советот, бидејќи така било договорено пред изборите за да ја добие поддршката од коалициската партија, градоначалникот негира дека имало таков договор.
„Немало никакви договори во однос на распределбата на места во предизборниот период, ниту, пак, предизборни коалиции. Имаше отворени поддршки од страна на ЗНАМ кон кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ низ целата држава, воедно и на ВЛЕН, а исто така јас како кандидат на ЗНАМ ја добив поддршката од нашите партнери на централно ниво, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Немаше такви преговори и разговори, тоа ќе се случи во следните денови. Кој ќе биде следниот претседател на Советот ќе видиме на самата конститутивна седница на Советот“, изјави Димитриевски.
Во јавноста за време на изборите се шпекулираше дека нов претседател на Советот ќе биде носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ, адвокатот Владимир Михајловски, додека, пак, сега се почести се информциите дека на тоа место ќе седна повторно досегашната претседателка Ивана Ѓорѓиевска.
Градоначалникот вчера кажа дека, мнозинството во Советот на Општина Куманово ќе го сочинуваат советници од партиите кои се на власт на централно ниво.
„Повеќе од јасно е дека мнозинството кое е на централно ниво исто така ќе биде претставено и на локално ниво, а за деталите секако ќе бидете дополнително известени“, изјави Димитриевски.
Коалицијата ќе биде составена од ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПСМ и ВЛЕН, кои заедно ќе имаат мнозинство од 19 членови во Советот.

