Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Независните кандидати ќе треба да соберат по 1.000 потписи за да можат да се кандидираат за пратеници, советници или градоначалници, откако Уставниот суд ги укина членовите на Изборниот закон, донесени во март минатата година.
Членовите предвидуваа независните кандидати да соберат еден процент граѓански потписи од вкупниот број запишани гласачи во конкретната изборна единица или општина каде што се кандидираат.
Со одлуката на Уставниот суд се укинуваат членовите 17 и 18 од измените на Изборниот законик со кои се направи промена во членовите 61 и 62, а кои се однесуваат на бројот на граѓански потписи кои треба да ги соберат независните кандидати за да се кандидираат на избори.
Судијата известител за овој предмет изразил сомнеж за ваквите измени од уставна гледна точка, односно дека со нив се повредени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото, а дека дополнително постои сомнеж за нарушување на политичкиот плурализам.
Подносители на иницијативата до Уставниот суд со која се оспорија измените на Изборниот законик се Лилјана Поповска и група граѓани, преку полномошник.
Измените донесени лани се применуваа за претседателските и парламентарните избори, а се очекуваше да важат и за локалните избори, кои треба да се одржат ова есен.