Објавен повик за добивање на оброк во народната кујна во Куманово
Општина Куманово го објави јавниот повик за пријавување на граѓани за остварување на правото за користење на народна кујна, наменет за лица кои живеат во најтешки социјални услови.
Сите кои ќе исполнат условите ќе добиваат по еден оброк дневно во кујната на Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“.
Право на користење на народна кујна имаат корисници на гарантирана минимална помош во Центарот за социјална работа Куманово, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, како и лица со интелектуална попреченост, лица со телесна попреченост, потполно слепо и потполно глуво лице.
Еден барател може со едно барање да ги наведе и останатите членови на семејството, при што ќе се обезбедат онолку оброци колку што има членови. Оброците се подигнуваат со важечка лична карта.
Јавниот повик ќе трае во текот на целата 2026 година и е објавен на официјалната веб-страница на Општина Куманово – www.kumanovo.gov.mk.
Барањата може да се подигнат во општинската зграда во поранешен „Козјак“, како и преку линкот објавен на веб-страницата на општината. Пополнетата документација се доставува до општинската архива.
Општина Куманово за оваа мерка издвои 4 милиони денари.