Мени

Обвинителството ќе испитува дали осомничениот за убиството во Челопек е поврзан и со други случаи

20.02.2026 12:31 | Сузана Николиќ

Основното јавно обвинителство Куманово започна истрага за да утврди дали Т.Б. (25) од селото Малотино, општина Старо Нагоричане, е поврзан со други случаи на убиства, а не само со последното за кое е приведен.

Обвинителството ќе испитува дали осомничениот за убиството во Челопек е поврзан и со други случаи

Тој е осомничен дека во периодот од 27 јануари до 12 февруари, на точно неутврден датум, во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, со умисла и на свиреп и подмолен начин ја лишил од живот 78-годишна жена.

„Ја искористил околноста дека оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Откако влегол во нејзината куќа, додека таа спиела на креветот, осомничениот физички ја нападнал, нанесувајќи ѝ повеќе удари со кои ѝ нанел тешки телесни повреди, од кои жената починала“, соопштија од ОЈО Куманово.

Во координирана акција во изминатите неколку дена, ОЈО Куманово, Истражниот центар при обвинителството, МВР и екипи на Институтот за судска медицина обезбедиле докази што укажуваат на можна поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановскиот регион.

„Поради сличностите во однос на изборот на жртвите и суровиот начин на извршување на делото, се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, при што од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК-материјал што се предмет на вештачење“, информираат од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека истражните органи работат на сложени вештачења и анализи, како и на други дејствија за обезбедување докази, кои во овој момент не можат да бидат споделени со јавноста поради тајноста на постапката.

Осомничениот од моментот на откривањето е лишен од слобода и задржан, а по предлог на јавниот обвинител му е определена мерка притвор. Наредено е и психијатриско вештачење од тим форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје.

Од МВР на 14 февруари информираа дека е приведен Т.Б. (25) од селото Малотино, поради сомнение дека сторил кривично дело убиство по член 123 од Кривичниот законик.

„Тој се сомничи дека на 12 февруари во домот на жртвата физички ја нападнал и ја задушил со перница М.С. (78) од селото Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото. Исто така, се сомничи дека извршил повеќе кривични дела ‘тешка кражба’ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија од МВР.