„Од енергетска стабилност до силна економија“ - ВМРО-ДПМНЕ одржа трибина во Куманово
ВМРО-ДПМНЕ синоќа пред граѓаните на Куманово ја одржа трибината „Од енергетска стабилност до силна економија“, на која се обрати премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика Сања Божиновска, Бобан Николовски, директор на Царинската управа, Бране Петрушевски пратеник и Лазар Узунчев директор на ЕСМ.

Премиерот Мицкоски, кажа дека турската компанија „Казанџи груп“, која е светски гигант во енергетиката ќе инвестира 1 милијарда евра во изградба на когенеративни гасни централи.
„Со нив имаме план за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Сето ова е зафат димензиониран на инвестиција од над една милијарда евра“, објасни Мицкоски.
Според него градењето на когенеративни гасни централи е единственото трајно решение за загадениот воздух.
Мицкоски се осврна и на фактите како дека е договорена инвестиција за ветерниот парк од 450 милиони евра што наскоро ќе се гради меѓу трите општини, Карбинци, Штип и Радовиш.
„Нема специјални закони, нема загарантиран откуп по загарантирана цена за 20 – 30 години, туку инвеститор кој ќе инвестира 450 милиони евра, а државата ќе добие за 100 милиони евра поголем приход во БДП што треба да донесе 20 отсто од вкупното производство на струја што ќе ја направи енергетски балансирана земјава“, заклучи Мицкоски.
На трибината се обрати и Бобан Николовски, директор на Царинската управа кој дискутираше за наследените проблеми и за драстичната промена кон подобро во инстититуцијата која ја раководи.
„Она што го наследивме беше незадоволувачки број на контроли, апсолутно немање на ангажман, една девастирачка Царинска управа која немала волја да ја извршува својата основна функција. Откривачките дејствија сведени на минимум, царински испостави кои со месеци не забележале ниту една заплена. Не биле започнати клучните проекти, а оние коишто беа започнати без напредок и со делумно изминати рокови“, објасни Николовски.
Николовски истакна дека Царинската управа сега има нов менаџмент кој е максимално посветена на испорачување на резултати и спроведување на проекти.
„После точно една година имаме нова стратегија за развој, нова мисија и нова визија. Изградивме тим кој испорачува заеднички резултати, соодветни луѓе позициониравме на соодветни места. Спроведуваме мерки за градење на интегритет, подобрување на професионализмот во самата Царинска управа, казнуваме но и наградуваме по заслуга. Новиот тим има максимална посветеност на испорачување на резултати, почитување на рокови и спроведување на проекти“, дециден е Николовски.
Пратеникот Бране Петрушевски, потсети што се правело во изминатите години во делот на енергетиката.
„За енергетика слушавме само поврзано со криминал за РЕК Битола, па потоа како претседателот на опозицијата добил ново возило од фирма која го снабдувала РЕК со јаглен неколку пати поскапо од нормална цена, се со цел таа фирма да исплати милионски суми во соседна држава на фирма на она познато струмичко семејство. Ова се еклатантни криминални примери за испумпување на средствата наместо да се гради инфраструктура во државата“, рече Петрушевски.