Ќе се реконструира Градската капела во Куманово
Од понеделник ќе започнат градежните работи за реконструкција на капелата на Градските православни гробишта во Куманово.
Од ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово информираат дека за време на реконструкцијата капелата нема да биде целосно затворена.
„Реконструкцијата ќе се изведува во две фази, така што дел од просториите на капелата ќе останат во функција за да може погребните обреди да се одвиваат непречено. Најпрво ќе се реконструира кровот, а потоа ќе се работи на фасадата, водоводната и електричната инсталација, просториите, како и на санитарните јазли“, изјави директорот Сашо Томиќ.
Реконструкцијата се реализира во рамки на проект финансиски обезбеден од Владата на Република Македонија, за кој е аплицирано преку Општина Куманово, со цел подобрување на условите и квалитетот на услугите за граѓаните.
„За време на изведувањето на работите, апелираме до сите посетители на гробиштата да покажат разбирање, да ги почитуваат поставените ознаки и упатства и да се движат внимателно во зоната каде што ќе се одвиваат градежните активности“, додава Томиќ.