Мени

Околу 200 хектари ниска шума и сува трева изгореа кај Руѓинце и Орах

07.09.2026 09:13 | KumanovoNews

Околу 200 хектари сува трева и нискостеблеста шума изгореле во пожарот што зафатил делови од атарите на селата Руѓинце и Орах, во Општина Старо Нагоричане.

Околу 200 хектари ниска шума и сува трева изгореа кај Руѓинце и Орах

Во гаснењето на пожарот повеќе часови учествувале пожарникари од Старо Нагоричане и Ранковце.

ТППЕ Старо Нагоричане интервенирала од 14 часот до 3 часот по полноќ со три противпожарни возила и девет пожарникари, додека екипата од ТППЕ Ранковце била на терен од 15:15 до 1 часот по полноќ со две возила и тројца пожарникари.

На испомош во Руѓинце била испратена и дополнителна екипа со едно противпожарно возило и тројца пожарникари, која интервенирала од 16:45 до 22:45 часот.

Покрај пожарот кај Руѓинце, во текот на денот пожарникарите од ТППЕ Куманово интервенирале и на повеќе пожари во липковско и кумановско.

Во атарот на село Слупчане интервенирале од 12 до 14:55 часот на опожарена сува трева и стрниште, со едно противпожарно возило и тројца пожарникари.

Од 15 до 17:45 часот, истата екипа интервенирала во атарите на селата Ваксинце и Речица, каде гореле сува трева, стрниште и дрвореди од багрем во близина на железничката пруга.

Во село Лопате пожарникарите интервенирале од 19:30 до 20:30 часот на опожарена сува трева, со едно противпожарно возило и тројца пожарникари.

Последната интервенција на ТППЕ Куманово била во атарите на Слупчане и Ваксинце, каде од 20:15 до 21:15 часот повторно било интервенирано на опожарена сува трева, со едно противпожарно возило и тројца пожарникари.